Црвен тепих за точаци ФОТО

1001

Група активисти по јавниот повик од „НаТочак“ минатата недела на 4 локации во Скопје поставија црвено платно, го фотографираа и со соодветен текст испратија 4 пораки на социјалните медиуми кои имаа силен прием од јавноста.

Платното со препознатливата црвена боја за велосипедските ленти и велосипедски премини во акцијата на „НаТочак“ ги илустрира проблемите и пречките на велосипедската инфраструктура.

Се посочува на проблемот со недостатокот од велосипедски ленти на некои улици, а „мртви“ крајни коловозни ленти кои се користат за застанување и паркирање, на нелегалното паркирање толерирано од полицијата во случаите кога има обележана велосипедска инфраструктура – што ја прави нефункционална иако ја има, на (не)квалитетот во изведбата на патеките и бројните пречки кои остануваат нерешени и на недоволната интегрираност на патеката по текот на Вардар со остатокот од мрежата и недостатокот на рампи…

Идејата започна да се „тркала“ во Белград, каде тамошното здружение UG Ulice za bicikliste спроведе слична акција низ белградските улици. Тие пратија порака дека на улицата за која Белградскиот секретаријат за сообраќај тврдел дека нема место за велосипедски ленти, место всушност има, а се користи за нелегално паркирање.

-„Црвен тепих за точаци“ е идеја која треба да обединува, да поврзе, слично како што поврзуваат велосипедските патеки. Целта е да покажеме дека во целиот регион се соочуваме со исти проблеми, но и дека освен проблемите можеме да ги споделиме и нашите искуства и знаење: кои можат да бидат решенијата за тие проблеми.
Откако ќе ги направиме нашите градови велоградови, се надеваме еден ден ќе ги поврземе и меѓуградски со велосипедска мрежа по патот на црвениот тепих – велт од „НаТочак“.

Фото: Васе Аманито Петровски

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...