Црвен крст: Ранливото население има потреба од помош и поддршка

91

Црвениот крст на Македонија денеска го одбележува Светскиот ден на Црвениот крст  и Црвената полумесечина, со цел да инспирира и да ги промовира хуманитарните активности кои ги спроведува оваа организација и националните друштва, но и да укаже на потребата за помош и поддршка на ранливото население.

– Светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина е меѓународен ден посветен на намалување на страдањето на луѓето, зачувување на човековото достоинство, заштита на животот на луѓето, надминување на последиците од вонредни состојби и природни катастрофи како што се поплави, епидемии и земјотреси. Нашите принципи на кои се потсетуваме на овој ден се непристрасност, хуманост, неутралност, универзалност, независност, единство и волонтерска служба – рече претседателот на Црвениот крст на Република Македонија Ромел Велев.

Сакаме, рече тој, да го свртиме вниманието на јавноста на нашата основна цел, а тоа е, да го штитиме животот и добросостојбата на луѓето изложени на ризици и да го зачуваме достоинството на жртвите од вооружени судири и други видови на насилство.

– На светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, 8 Мај, ја прославуваме храброста и постигнувањата на нашите волонтери и вработени, чии животоспасувачки услуги и други активности го менуваат животот на луѓето и ја покажуваат нашата секојдневна заложба кон хуманоста. Ние сме присутни на локално и меѓународно ниво, независни и неутрални, и сме секаде за сите луѓе – додаде Велев.

Низ целиот свет, според него, ова движење обезбедува широк опсег на услуги за најранливото население во различни контексти – од обезбедување на одговор при катастрофи и конфликтни ситуации, па се до обезбедување на помош во урбани средини и тешко достапни области, и застапување во име на оние кои имаат потреби пред властите во државите.

Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина годинава се одбележува под мотото „Љубов“. Овој ден претставува годишно одбележување на принципите на меѓународното движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Овој ден се одбележува во чест на основополжникот на ова движење Анри Динан, кој е роден на 8 мај 1828 година, а е добитник на првата Нобелова награда за мир.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...