Црвенковски не добил покана за обраќањето на Пендаровски

Поранешните претседатели Црвенковски и Иванов не присуствуваа на првото обраќање на актуелниот шеф на државата пред законодавниот дом.

3255

Поранешните претседатели на државата Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов не го следеа првото годишно обраќање пред пратениците на нoвиот шеф на државата Стево Пендаровски. Иако поранешните претседатели на државата се на протоколарниот список на МНР за присуство на настани организирани од државните институции, Црвенковски и Иванов не беа денеска во првата собраниска редица, каде што можеа да се забележат премиерот Зоран Заев, лидерите на верските заедници во земјава, првите луѓе на правосудните институции…

Иванов, кој десет години беше претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на 12 мај годинава му ја предаде функцијата на Пендаровски, кој беше избран како кандидат на СДСМ и на ДУИ. Исто така, Пендаровски речиси за време на целиот мандат на Црвенковски на чело на државата, од 2004 до 2014 година, беше негов советник за надворешна политика и за безбедност. Иванов и Црвенковски беа присутни и на инаугурацијата на Пендаровски во парламентот.

Од кабинетот на Црвенковски велат за Плусинфо дека поранешниот претседател не добил покана за денешната седница и дека треба да се провери дали е практика во парламентот за вакви настани да се испраќаат покани до поранешните шефови на државата. Инаку, организацијата на седницата на која се обраќа претседателот е во надлежност на Собранието.

Додека Иванов беше на чело на државата, Црвенковски не присуствуваше на неговите годишни обраќања, ама тогаш „политички причини“ беа образложение за неговото отсуство.

Наспроти искуството со поранешните претседатели, првото годишно обраќање на Пендаровски пред пратениците го следеа пратеници од сите партии.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...