Победникот на завршниот АТП Мастерс во Лондон 2019, грчкиот тенисер Стефанос Циципас, изјави дека му се оствари сонот да го освои трофејот на турнирот што во минатото го гледал на телевизија.
– Прво, бев многу возбуден што сум дел од овој Мастерс. За мене, самиот пласман во Лондон беше голема работа. Сега кога сум шампион, не знам како да го објаснам тоа. Искрено немам зборови како се чувствувам, затоа што ова се премногу емоции. Се сеќавам како гледав на овој настан на ТВ и размислував: „Овие момци направија луда година да играат тука“. А сега, јас сум во позиција да бидам шампион, така што се чувствувам прекрасно – изјави Циципас.
Гркот синоќа во финалето го победи Австриецот Доминик Тим со 2-1, по сетови 6:7, 6:2 и 7:6.
Наградниот фонд на Мастерсот во британската престолнина изнесуваше девет милиони долари.