„Од овие вработениве, ние невработените не можеме место да најдеме по кафичите!“ – ми вели пред некој ден една другарка, инаку позната интелектуалка и новинарка, невработена. Колку и да е духовита оваа досетка, таа зборува за горчливата вистина дека најголемите експлоататори на граѓанките и граѓаните се сто и пет-шеесетте илјади (и повеќе) цицачи на државниот буџет. Администрација! Нема што да работи, а и да има, не работи.
Кафулињата се преполни со нив. Може да се препознаат. Нивната партиска определба и не толку, колку што е очигледно дека се цврсто закачени на големата крава молзница – државната каса. Исто изгледаат, исто зборуваат, исто се облекуваат, прават исти движења додека водат празни муабети или тераат бизниси.
Околу две третини од државниот буџет одат на плати за администрацијата. Тие пари ги плаќаме ние. Што добиваме за возврат? Добиваме илјадна војска што малку или воопшто не работи, набутана во апсурдно поставениот систем, од фотокопирџии до референтчиња и разно-разни леви сметала. И верна на партиите, не на оние од чија уста го крадат лебот.
Кога ќе ги погледнете нивните плати, најголем дел од нив се слабо платени. И неправедно е да бидат така потценети наставниците, лекарите, полицајците, пожарникарите, војската, помошниот персона… За разлика од нив имаме на грбот цели десетици илјади (!) бирократи кои и да ги платиш една жолта пара, како да си ја фрлил во вода.
И, најтрагично од сѐ, до денешен ден не знаеме колку од нив навистина доаѓаат на работа. На министерот Манчевски му требаа повеќе месеци да ги добие вкупните бројки на вработени во над 1.500 институции што се на товар на граѓанските скромни семејни буџети. И кога се открија некои бројки на бирократски шрафчиња што никогаш не се појавиле на работа, оправдувањето беше дека законот не дозволува да се избркаат од работа.
Хм… И за нив важи Законот за работни односи: „Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот: Ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година; го злоупотреби боледувањето…“
Па, како тоа? Зарем државата континуирано го крши законот? Е, да, (не)познат број луѓе со години се вткаени во системот, седат дома и земаат плата.
На ова место ќе прекинам и ќе заминам од кафулето во кое обично ви ги испраќам моите „рафали“ и ќе одам на друго, потивко место. Денеска е петок, бирократите излегуваат уште во 10 на пауза, затоа што порано и заминуваат од своите неработни места.
Добро прашање е зошто не се применува законот. Уште подобри прашања, за кои дискутирам со еден познат експерт за финансии, би биле: Што е потребно за некој да ве стави на платниот список, а да седите дома? Треба ли тоа да бидат посебни заслуги во партијата? Или има уште некој критериум, етнички, социјален, образовен?
Многумина ќе кажат дека етничкиот критериум за добивање такво супер повластено „работно“ место „по дома“ е пресуден. А таму е и причината за дополнителен раздор меѓу луѓето, предрасудите дека некои се „паразити“, а сето тоа под плаштот на правичната застапеност.
Грујо Серекеш на времето вработуваше Албанци и по нешто Роми да седат дома, а за секој (понижувачки) вработен Албанец, додаваше десет пати повисока бројка, не многу подостоинствено вработени, Македонци меѓу кои, исто како и кај Албанците и Ромите, има и такви што седат дома со години. И така во недоглед. Цели министри и директори не одат на работа! Само нивните плати може да спасат десетици животи на деца оваа година. А кога би се исчистиле сите што го минуваат својот удобен живот во јаслите на државата, сите останати што навистина се потребни и работат, може да добиваат попристојни плати, а системот да функционира подобро. И довербата на луѓето во институциите да биде поголема.
Но, што зборувам јас? Сонувам ли, што ли? И тоа, спроти изборен процес… Не сум арен изгледа нешто. Да одам на преглед треба. Многу сум станал нервозен во последно време… Но, мислам дека сум во право.
Наместо новата власт да го спроведе законот и да ја земе големата метла за чистење на бирократските шрафчиња, непотребни и штетни до лудило, си ги задржа. А со тоа задржа и една сериозно голема партиска војска што работи токму против неа, формира паралелни структури за следење и опструкции, за црна пропаганда и што ти не. А тертипот на новите вработувања, како што слушам, не е (многу) поразличен од порано. За да се задоволат апетитите на испостените СДСМ-овски ешалони, а уште повеќе на коалиционите цицачи, се полни бирократскиот апарат, а се празни џебот на даночните обврзници.
Кога налетувам, во време на долгите паузи на партиско-бирократските цицачи во кафулињата, на рамениците понекогаш чувствувам погледи полни со презир (не ме гледаат во очи). Носам црно, па како и првутот, лесно може да се забележи. Ги тргам со еден ноншалантен потег на раката и седнувам на кафе. И го чекам мигот кога презирот ќе се претвори во страв. А граѓанките и граѓаните ќе имаат поубав живот. Хм, изгледа ќе почекам подолго време.