Ципрас ја потсети грчката Комунистичка партија дека Мирка Гинова била прва политичка жртва

9346

Остри критики до Комунистичката партија на Грција, поради актуелната позиција против  Договорот од Преспа испрати грчкиот премер во неговиот говор во Парламент и ги потсети на нивната историја, јави дописничката на МИА од Атина.

– Не сакам да се осврнам ниту на славомакедонскиот Буквар што комунистите го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на Демократската армија на Грција. Не сакам да се осврнам на 70.000 бегалци од Граѓанската војна кои грчката држава ги лиши од правото во 1983 да се вратат во нивната татковина. Ниту ќе се осврнам како на Славомакедонката Ирини Гини-Мирка Гинова, првата жена егзекутирана во Граѓанската војна, комунистка. Со овие грижи на совест што ги имате, да си се справите сами. Ќе говорам политички, нема да се осврнам на историјата на Комунистичката партија на Грција – порача Ципрас.

Говорејќи за политичките позиции на Комунистичката партија на Грција, грчкиот премиер ги анализираше нивните аргументи зошто тие се против Договорот од Преспа: првиот е НАТО, вториот- иредентизмот. Рече дека па дури и да ги прифати нивните аргументи.

-Да речеме дека ќе ја прифатам целосно вашата анализа дека договорот е диктиран од Западот, од меѓународниот империјализам или не знам што друго може да замислите. Под овој меѓународен договор, земајќи ја предвид волјата на нашите соседи да влезат во НАТО, што секако е нивно прашање. Како КПГ смета дека грчката држава би можела и би требала да ја признае оваа земја? Како? Со кое име? Со кое име? Како ќе ги викаме овие луѓе Што велите? Ни велите дека терминот „Македонија“, самото нивно име е иредентизам. Или јас не го читав добро Ленин кога бев мал или вие нешто не правите како што треба, рече Ципрас во неговиот говор.

Грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина, во неговиот 70минутен говор на расправата за ратификацијата на Договорот од Преспа, упати критики и до останатите грчки партии кои што се против Договорот од Преспа.

Фото: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...