Договорот со северниот сосед што е од историско значење за Грција, носи придобивки и на економско ниво, рече грчкиот премиер говорејќи на конференцијата на Економист што се одржува во близина на Атина.
Постигнатиот договор со Македонија, Алексис Ципрас овојпат го коментираше од економски аспект и објасни дека нерешавањето на проблемот било пречка за двете земји да создадат силни економски врски, јави дописничката на МИА од Атина
– Неодамнешниот договор до кој стигнавме по шест месеци тешки преговори со нашите северни соседи за решавање на долгогодишниот спор со името на поранешната југословенска Република Македонија е разврска од историско значење, успех од историско значење за Грција со разновидни придобивки и во економската сфера. Бидејќи пролонгирањето на овој проблем, не само што ги лишуваше можностите од нашата земја, не само што, би рекол, непродуктивно трошеше сили во дипломатијата, туку и ја лишуваше можноста за земјата да создаде силни врски на економска соработка и заеднички развој со нашата соседна земја – рече грчкиот премиер.