Ципрас: За Договорот од Преспа, Мицотакис се надмина себе си во хипокризијата и демагогијата

518

Онаму каде што навистина господинот Мицотакис и Владата се надминаа себе си во хипокризија и демагогијата е Договорот од Преспа, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во неговиот говор во рамки на 84. Меѓународен саем во Солун, jави дописничката на МИА од Атина.

Поранешниот грчки премиер изнуди силни аплаузи и овации од присутните кога во обраќањето се осврна на Договорот од Преспа, особено во делот во кој ја обвини актуелната влада за хипокризија и демагогија, но и за „импресивно салто“ во конкретното прашање. Рече дека за конкретното прашање, претходната влада била навредувана и притисната да дава објаснувања, затоа што го одбранила „националниот интерес и мирниот соживот со соседите“.

Се осврна и на ланските протести пред конференциската сала „Велидио“, каде што секоја година се одржува саемот, прашувајќи се каде се сега, „борците за Македонија“ (македономахи).

– И денес оние кои ги толерираа собирите на наводните „македономахи“ и наводни патриоти- навистина каде се сега? Оваа година никој не ги виде пред „Велидио“. Оние кои лани нè навредуваа, оние кои ги толерираа нападите со молотов врз домовите на пратениците кои гласаа во Парламентот, оние кои договорот го нарекуваа предавнички, штетен договор. Сега истите тие доаѓаат и велат дека не само што ќе го спроведат, не само што ќе се придржуваат до верно спроведување, туку и ќе го почитуваат. Да, ќе го почитуваат. И им велиме, многу добро ќе направите што ќе го почитувате. Тоа е договор што вреди да се почитува од секоја влада, но на овој начин правите, вашето салто да изгледа поимпресивно од тоа што навистина е – порача поранешниот грчки премиер во неговото обраќање.

Ципрас истакна дека Мицотакис, за време на неговиот говор на свеченото отворање на саемот во Солун минатата сабота не кажал ниту збор дека благодарение на Договорот од Преспа, Грција е примена во Берлинскиот процес, како и во кинеската иницијатива 16+1, што стана 17+1, дека благодарение на договорот, „процветаа трилатералните и квадрилатералните соработки“, а Солун има надградена улога на Балканот.

Лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер, за време на неговиот синоќешен говор во Солун, го претстави нивниот алтернативен план за економијата и општеството, упати критики до актуелната влада, а се задржа и на автокритиката и грешките кои тие ги направиле во изминатите четири и пол години додека беа на власт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...