На последниот ден од расправата во грчкиот Парламент за буџетот за следната година, кусо пред гласањето, иако не беше на дневен ред, Договорот од Преспа, сепак, се најде во говорите на лидерите на политичките партии, но и на дел од пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на најголемата грчка опозициска партија Кирјакос Мицотакис, го коментираше говорот на Ципрас во Солун, минатиот петок
– Отидовте во Солун, на еден, да признаеме, не многу успешен собир, за да ги навредите Македонците и тоа кај нив дома. Да го наречете екстремен десничар и националист секој оној кој не се согласува со вашиот договор. Историјата ја толкувавте како што сакате. Дури говоревте и за Граѓанската војна, повторно ширејќи националната поделба. За македонскиот идентитет и македонскиот јазик, ниту збор – рече Мицотакис.
Тој го спомена и неодамнешниот став на поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, да се спроведе тајно гласање, го праша Ципрас дали се плаши од нешто и порача дека тајно гласање за Договорот од Преспа нема да има.
– Господине Ципрас, ми се заканивте дека ќе ме клеветите во Брисел бидејќи реков дека непотребното кратење на пензиите го разменивте со една неприфатлива национална отстапка во скопското прашање. Секако дека не кажавте ништо од ова – рече Мицотакис.
Грчкиот премиер, на почетокот на говорот, пред да се осврне на буџетот за следната година, одговори на дел од она што го кажа претседателот на Нова демократија. Рече дека Мицотакис стигнал „до дното на мизеријата обвинувајќи го премиерот на земјата дека ја продаде Македонија на европските партнери, за да нема кратење на пензиите“.
– И ве прашувам, господине Мицотакис: За замена потребни се двајца. Зошто не кажувате имиња? Со кого направив размена? Со господинот Јункер? Со госпоѓата Меркел? Со господинот Макрон? Со кого ја направив оваа размена? – праша Ципрас.
Во однос на Договорот од Преспа и тврдењата на Мицотакис дека од грчката страна биле направени отстапки во јазикот и националноста, грчкиот премиер ги повтори неговите позиции. За македонскиот јазик дека е признат во ОН уште од 1977, а во договорот се дефинира дека станува збор за јужнословенски јазик.
– Во прашањето за националноста, континуирано инсистирате на истото. И стигнавте до степен Вие, кој толку добро го знаете англискиот јазик, со оглед на тоа дека студиравте во странство, да ни велите дека „nationality“ е исто со „ethnicity“ – рече Ципрас и го спомена поднесениот амандман на предлог амандманите на Уставот дека државјанството не ја определува ниту пак ја прејудицира етничката припадност на граѓаните.
– И овој амандман, господине Мицоракис, влегува во уставниот закон. Да видиме дали ќе биде изгласан со двотретинско мнозинство. Ако се изгласа, ќе излезете јавно да кажете дека она што го зборувате четири месеци се празни зборови и го правевте само за да го поделите грчкиот народ? Не знам дали ќе го сторите тоа. Веројатно нема – додаде грчкиот премиер во неговиот говор, одговарајќи на обраќањето на Мицотакис, пренесе МИА.
Лидерката на Движење на промена, Фофи Генимата, во нејзиниот говор упати критики и до грчкиот премиер и до претседателот на Нова демократија за нивните ставови и постапки не само во однос на економијата и внатрешната политика, туку и за Договорот од Преспа. Рече дека преку Ципрас и Мицотакис иако се караат, сепак, си личат.
– СИРИЗА и Независни Грци, очајно бараат подготвени пратеници за да обезбедат едно „да“ или едно „не“ за Договорот од Преспа – рече Генимата.
Коалицискиот партнер во грчката Влада, министер за одбрана и претседател на Независни Грци, Панос Каменос рече дека владата стигнува до точка во која е завршен голем дел од нејзината мисија, барем во економскиот дел.
– Кога ќе дојде националното прашање, ќе видиме кој ќе заземе национална позиција и ќе видиме кој ќе преземе одговорност. Ние сме тука и грчкиот народ ќе нѐ оцени – рече Каменос.
Претседателот на Сојуз на централисти, Василис Левендис, кој е на иста линија со Каменос и против Договорот од Преспа, рече дека е срам за парламентот ако го ратификува договорот, а тие како партија ќе направат сѐ што можат за во пракса да не се ратификува