Ципрас: Дојдовме гледајќи во очи на историјата да ја извршиме нашата патриотска должност

Ципрас рече дека договорот е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

445

Денеска овде во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна, рече грчкиот премиер во обраќањето за време на церемонијата на потпишување на договорот меѓу Македонија и Грција.

Алексис Ципрас рече дека е љубител на балканската музика, особено на блех музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот.

Тој нагласи дека дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.

– Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот-  рече Ципрас.

Потпишувањето на договорот  го окарактеризира како состанок со историјата.

– Денес се наоѓаме тука гледајќи ја во очи историјата на нашите народи, се наоѓаме овде за и двајцата да ја извршиме нашата патриотска должност – рече тој.

Според него договорот е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

– Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи – рече Ципрас.

Ципрас ја спомена и првата средба со Заев пред шест месеци во снежниот Давос, каде што било многу студено исто како и студот во односите меѓу двете земји во изминатите 25 години

Грчкиот премиер им се заблагодари на присутните, но и на медијаторот и спомена дека Метју Нимиц денес има роденден, велејќи дека не можело да се одбере подобар ден за потпишувањето на договорот од денот на неговиот роденден.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...