За реализирање на визијата за поинаков Солун, за Солун лидер на Балканот и основна трговска, транспортна, енергетска и економска точка во регионот, помага и Договорот од Преспа, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со администрацијата на Меѓународниот саем.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас овогодинешниот саем го карактеризираше како историски бидејќи е прв во пост меморандумскиот период, а говореше и за визијата, Солун да стане економска и трговска престолнина на Балканот.
– Првиот чекор за ова е (Солун) да добие лидерска улога на Балканот и во рамките на оваа цел, за да ја реализираме оваа визија, длабоко верувам дека е договорот со поранешната југословенска Република Македонија што менува насока и ориентација на градот и на Северна Грција. Запира Солун и Северна Грција да се со свртен грб кон просторот што економски и трговски е од витално значење, а тоа се соседните земји и се ориентира за да стане основна трговска, транспортна, енергетска, економска точка на Балканот, а Солун да биде прво пристаниште на Балканот, ова е прв чекор за да имаме визија за еден поинаков Солун – рече Алексис Ципрас.