Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во вечерашното интервју за „360 степени“ на телевизијата Алсат-М, зборуваше за преговорите кои доведоа до потпишувањето на Договорот од Преспа.
– Не беше лесно прашање, можеби некој трет отстрана да го гледа како лесно прашање и некои да велат дека не направивте многу големи чекори. Но, реалноста е дека покрај името постоеја и други детали што требаше да се решат поврзани со наследство, со билатералните односи, многу тешкотии што требаше да се надминат, и верувам дека работевме интензивно и направивме договор што дава одговор на сите сложени прашања. Но, не беше лесно да најдеме консензус за сите прашања – рече Ципрас.
Тој откри дека кратко пред постигнувањето на компромисот, мислеле дека нема да може да најдат заеднички јазик.
– Да, постоеше еден момент пред конечниот договор, еден викенд, кога ги фрливме пенкалата и јас и Зоран и г-динот Коѕијас и г-дин Димитров и рековме – не можеме да најдеме заеднички јазик. Но, надвладеа логиката. Тоа беше непосредно пред договорот, неколку дена пред потпишувањето на договорот. Беше на крајот на еден многу тежок пат. Секогаш постои замор, секоја страна мисли дека ги исцрпила „црвените линии“. Една недела пред телефонскиот повик од Зоран, направивме некои исправки или ако сакате отстапки од двете страни, една недела пред договорот ги оставивме пенкалата и мислев ќе немаме договор – рече поранешниот грчки премиер.
Тој вели дека станува збор за договор што треба да го истражуваат идните дипломати, бидејќи, како што вели, не е договор што некого понижува или некого оправдува.