Не ја разбирам следнава политичка изборна стратегија: ако си ја избрал Гордана Силјановска, која со „есенцијата“ на ВМРО-ДПМНЕ личи како што рерна си личи со тостер, за непартиска-надпартиска претседателска кандидатка… За потоа неа да ја „блендираш“ во класичната, „есенцијална“ плукачка вмровска изборна кампања, со „всички екстри“ навреди за противкандидатот на власта… Тогаш за која гласачка структура, всушност, си имал намера да ја понудиш кандидатурата на Силјановска?!
Професорката Силјановска би требало со својата кандидатура да го „натфрли“ описот на традиционалниот гласач на ВМРО-ДПМНЕ и да привлече што е можно повеќе гласови од кампот на партиски неопределените или разочараните од власта граѓани на Македонија. Но, со вака поставена изборна кампања, ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да се доближи до јавно проектираните намери за освојување половина милион гласови, туку партијата очајнички ќе се бори и за половина од тоа.
Ако беше за вака, и полесно и подобро ќе поминеа со Влатко Ѓорчев.
Освен, се разбира, ако намерата не е изборите да пропаднат, па крајниот резултат, всушност, да не им е ни важен. Туку да им е важна бојкот-парадата со која ќе се зацврсти партиското раководство… Па и така, треба да се верува дека, барем во првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ навистина ќе влезе со изборен ентузијазам, и покрај погрешната стратегија за понудената кандидатка.
А можеби подобра – „вистинска“ – изборна стратегија за сегашното раководство на опозицијата и не постои? Можеби оваа Силјановска, вака предизборно „врамена“, е точниот опис во време и простор на потребите што ги има сегашната гарнитура на опозицијата?
Тие сакаат да имаат сè, без никаква поднесена жртва или политичка концесија што ќе соодветствува на огромните промени што се случија во меѓувреме. Тие сакаат да го поддржат наследството на Груевски, да „цицаат“ од него и што поскоро да го вратат „политички изгонетиот“ лидер дома; да не се дистанцираат од сторените криминали и злосторства и да не одговараат за нив; да се „отресат“ од Мијалков и да ги сочуваат партиските имоти стекнати со методологијата на Мијалков; да бидат прозападни и да бидат происточни; да го вратат времето назад, да не направат компромис со Грција и да го решат проблемот со името; да ги освојат гласовите на неопределените со водење кампања за тврдокорните; да ја имаат Силјановска за претседателски кандидат, а Каракамишева да продолжи да ги сака… И Дедо Мраз за Нова Година да им го тргне Заев од власт, а Нобеловата награда за мир да ја добие Мицкоски и да ја сподели за заедничките постигнувања со Орбан. И ако падне снег во април, да биде со вкус на ванила и шумско овошје. И сите да останат вработени на државна плата.
За ваквиот каталог од желби да се оствари, Македонија немаше да има потреба да се вика Северна, туку Поранешна југословенска. И најубаво ќе беше ако може вечно да биде замрзната во она „циганско лето“ на власта на Грујо, некаде до доцната есен 2014 година, пред „бомбашката офанзива“ на струмичкиот Бошко Буха.
Но, бидејќи од тогаш до денес многу вода протече под Камениот мост на Вардар, а ВМРО-ДПМНЕ не сака ништо кај себе да промени, нема на многу што да се надева на овие избори, по своја заслуга. Ќе остане да ги собере „трошките“ од масата од незадоволството од владеењето на Заев и со тоа да биде пресреќна ако може да преживее до наредните парламентарни избори.
Извор: Цивил медиа