Циганска забава за каури

Хомер Симпсон од Шутка понизно ја чекаше својата шанса и околу Заев, за на крајот и да ја дочека. Еве го, се бутна во задните делови на телото и на оваа власт, како и во сите претходни.

3030

Во последниот викенд во ноември 2016 година, за време на изборната кампања која подоцна ќе се покаже како предигра во трауматичното паѓање од власт на вмровската Фамилија, еве што сум напишал во една од моите редовни колумни („Овци на волчја вечера“) објавена во „Слободен печат“:

„Општо земено, овдешните избори се време во кое половина Македонија мисли дека другата половина Македонија се будали. И обратно.

Како инаку, на пример, да се објасни присуството на еден Амбди Бајрам на изборната бина на ДПМНЕ? На овој подостарен и истрошен надри-политички кловн му е дадена задачата да ја развесели публиката додека зад него се подготвува кафезот со лавови, и тоа точно на начинот на кој тоа го прават циркуските паљачовци: правејќи будала од себе и од својот народ, за да предизвика смеа и да го сврти вниманието на аудиториумот од вистинските случувања под циркускиот шатор. Тој е само едно пресметано интермецо за најтупавите, моронизирани гласачи на владејачката партија, вклучувајќи и видни членови во првиот митингашки ред, до бината. И, без сомневање, циганскиот дворски шут и овој пат успешно ќе ги продаде гласовите на своите Роми во замена за, да речеме, уште една пералница за коли во која нема да мора да плаќа сметки за вода и за струја. Или така нешто. Се разбира дека, во изминатата деценија, под мудрото водство на Хомер Симпсон од Шутка, ниту едно ромско суштествено прашање не е решено, но сите знаат дека Амди ниту имал ниту ќе има намера нешто да подобри или да унапреди за своите сонародници. Тој е таму за да „испегла“ уште некое милионче и, ‘влечејќи ги за уши’ своите сограѓани на избори, да се одмазди за затворските години заслужено поминати во времето на власта на СДСМ. Може да се гарантира дека, за да ја избегне новата сезона од истиот серијал, Амди ќе биде меѓу првите кои ќе ја ‘дувнат’ преку граница веќе на 12 декември. И повеќе бундата никогаш нема да му ја видиме.

Штета. За бундата.“

Памтите, станува збор за оној тогашен митинг во Охрид, ако не се лажам, на кој Амди зборуваше будалаштини и правеше театри на предизборната бина облечен во една раскошна бунда („Убава бундата, само немаа машки модели што им паднале од камионот?“, наводно го прашувале Амдија после митингот), сигурен дека му се смешка нов мандат во власта по формирањето на уште една влада предводена од Груевски и по тие избори. Не бидна така.

Но, и по формирањето на владата на Заев, Амди не му ја „дувна“ преку граница меѓу првите, туку си остана во Скопје меѓу последните, дремејќи на седниците и со новиот пратенички состав во Собранието. Хомер Симпсон од Шутка понизно ја чекаше својата шанса и околу Заев, за на крајот и да ја дочека. Еве го, се бутна во задните делови на телото и на оваа власт, како и во сите претходни.

Сега само ќе продолжи да го прави она што отсекогаш најдобро го знаел: циганска забава за нас, каурите. Мене ми е жално. Ама него во Шутка си го гласаат.

А што се однесува до Заев, станува јасно дека тој своите вредности ги темели врз интересите, а не обратно. Тоа во демократијата, обично, е политички рецепт за кратка употреба.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...