Цивил центар за слободи: Некој ги заплашува граѓаните за референдумот

206

Нема да вршиме влијание на граѓаните како да се изјаснат, тоа е нивно политичко и со закон загарантирано право, но сакаме сите да ги повикаме да излезат на референдум и да не дозволат никој да манипулира со нивниот  глас и сите да им помогнат на здравите структури да се избориме со јазикот на омраза, со лажните вести, со спиновите и црната пропаганда.

Ова го истакнаа од Цивил центарот за слобода при денешната презентација на проектот во центарот на Прилеп, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, насловен „Гласам, значи постојам“ .

Екипата на невладината „Цивил центар за слободи“ смета дека постојат одредени структури кои сакаат да ги заплашат граѓаните слободно да се изјаснат на референдумот на 30 септември.

– Мора да признаеме дека сепак постојат одредени структури кои се обидуваат да ги заплашат граѓаните, да им се заканат, па дури и да повикаата на насилство, што во секој случај не е изнесување на политички став, туку е обид за дестабилизација. Затоа ги повикуваме граѓаните и одговорните институции да преземат се што им е со закон загарантирано, против јазикот на омраза, против црната пропаганда и против заканите, изјави Синиша Станковиќ од „Цивил центарот за слободи“.

– Се работи за проект чија основна цел е охрабрување на граѓаните на Македонија да го исполнат своето легитимно право за изјаснување на едно многу важно прашање на референдумот на 30 септември. Ставот на Цивил центар за слобода е дека треба сите граѓани да излезат, а референдумот бидејќи се работи за едно од, можеби, судбоносните прашања за иднината на нашата држава и на следните генерации, на начинот на живот на кој тие ќе живеат. „Цивил центарот за слобода“ како невладина организација која речиси две децении се бори за човековите права и слободи и како мониторниг кој го врши последните изборни циклуси, од почетокот на потпишувањето на спогодбата помеѓу Македонија и Грција врши длабински мониторинг на комплетната општествено-политичка ситуација и сите наши сознанија ќе бидат пласирани во јавноста, појасни Станковиќ.

Проектот, кој е финансиран од Американската амбасада „Цивил центарот за слободи“ вчера го претстави во Гостивар, денеска во Битола, Могила и во Прилеп, а од утре проектот ќе се претстави во Источна Македонија и тоа во Кочани, Кратово, Крива Паланка и во Пробиштип. Досега проектот е претставен во Повардарието. Граѓаните може непречено да ги изнесуваат своите пораки за референдумот на 30 септември.

Невладината ќе излезе со анализите за периодот пред, за време и по референдумот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...