ЦИВИЛ ФЕСТ ќе згрми за човековите права

285

ЦИВИЛ ФЕСТ започнува утре, понеделник, 10 декември, во 13 часот во Младински културен центар (МКЦ). На отворањето се најавени осум говорници и тоа: Амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската Унија, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, Ирена Стеријовска, режисерка и активистка, Благица Димитровска од Инклузива, Кочо Андоновски од ЛГБТИ – Центар за поддршка, Петрит Сарачини, национален кординатор за култура,  како и Дехран Муратов и Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ Фест е дводневен мултимедијален настан со што ќе се одбележи Меѓународниот ден на човековите права, 70 годишнината од носењето на Универзалната декларација за човековите права и 19-годишнината од постоењето на ЦИВИЛ. Богатата програма на ЦИВИЛ ФЕСТ предвидува низа концертни и диџејски настапи, мултимедијална изложба, преформанси, видео проекции, презентации, церемонија за доделување на награди за граѓанско новинарство и многу дружење и забава.

Веднаш по отворањето, во 13.40 часот, ќе настапат светските шампиони, танчарите со Даунов синдром од танцовото студио Dancers United MK кои годинава го освоија првото место на Светското првенство во модерни танци Полска.

Посветена на граѓанското новинарство и активизмот во име на слободата, правдата и еднаквоста, на програмата на ЦИВИЛ ФЕСТ во 14 часот е и мултимедијалната изложба на фотографии под наслов „Фотографии на слободата“ или #FreedomPhoto. Изложбата содржи стотици фотографии што ги одбележуваат граѓанското новинарство и активизмот за човекови права од почетокот на проектот „Граѓански објектив“, 2015 година, до денес.

„Кулите на граѓанското општество“ (#CivilSocietyTowers) претставува специфичен, мултимедијален приказ на активизмот и на граѓанското општество, кои ќе профункционираат во 14:30 часот на првиот ден од фестивалот и ќе траат до утредента. Во 15:30 часот ќе започнат видео проекциите на голем број видео документарни филмови и прилози од граѓански новинарки и новинари, како и од професионалниот тим на ЦИВИЛ.

Од 17 до 19 часот ќе се одржи афтерворк диџејска забава под слоганот „Музика на слободата“ (#FreedomMusic), со која ќе се одбележат Меѓународниот ден на човековите права и 19-от роденден на ЦИВИЛ.

На вториот ден од фестивалот, 11 декември, во МКЦ ќе продолжат сите содржини предвидени на првиот ден. Освен тие содржини, програмата ќе вклучи и церемонија за доделување на пет награди за граѓанско новинарство во 12 часот, работилница за граѓанско новинарство од 13 до 16 часот, сценски перформанс во 19 часот и концертен настап на три бендови во 20 часот. Во меѓувреме, програмата ќе вклучи низа диџејски настапи, како и детско креативно катче за најмладите.

Фестивалот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од National Endowment for Democracy.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...