Говор на омраза, лажни вести, предвремено започнување на кампања, изборна корупција, злоупотреба на јавните ресурси, злоупотреба на службената положба, притисоци, закани и уцени – се дел од предизборната палета на политичките структури што ЦИВИЛ ги нотира за време на сите изборни процеси досега.
Без будното око на набљудувачите, организациите за човекови права и слободи и на сите свесни и совесни граѓанки и граѓани, тие појави би поминале незабележано. Без оглед на тоа дали институциите се зајакнати или не и без оглед на степенот на владеењето на правото, една од најважните компоненти на еден изборен процес е токму мониторингот што го спроведуваат непартиски и невладини структури, групи и поединци.
Затоа, ЦИВИЛ повикува на вклучување во долгорочниот мониторинг на изборниот процес. Овој повик се однесува на соработниците и долгорочните набљудувачи, како и на сите членови и поддржувачи, учесници на семинарите за граѓанско новинарство и други заинтересирани граѓанки и граѓани.
Не постои непотребна или неважна информација, напротив, сите информации се добредојдени. Сите што сакаат да помогнат во изборниот мониторинг, можат тоа да го направат начин што им е најлесен. Прифатливи се сите можни формати: видео снимки, фотографии, скенови од комуникации или постови на социјални мрежи.
Извештаите, односно пријавите може да се испраќаат во порака по електронска пошта (monitoring.civil@gmail.com), Фејсбук, по телефон (02 / 5209 176), на онлајн пријавата за изборни нерегуларности или лично во седиштето на организацијата во Скопје.
Воедно, ЦИВИЛ ја информира јавноста дека во тек е конкурсот за долгорочни и краткорочни набљудувачи на изборниот процес. Заинтересираните можат да аплицираат преку онлајн формулар, лично и преку електронска пошта (monitoring.civil@gmail.com).
ЦИВИЛ Тим за комуникации