ЦИВИЛ: Максимално почитување на правото на глас, законите и демократските стандарди

200

Во пресрет на вториот изборен круг од претседателските избори и изборниот молк кој започнува на полноќ меѓу 3 и 4 мај, ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и демократски избори.

Правото на глас е неприкосновено човеково права и мора максимално да се почитува!

Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулација на гласачите.

Бараме од партиите, но и од родителите и од наставниот кадар да ги почитуваат паравата на децата и да ги остават надвор од политиката! Децата не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии! За секоја злоупотреба на децата, бараме соодветна законска реакција од институциите и ја повикуваме јавноста остро да ја осуди и отфрли злоупотребата на децата.

Секој обид да се наруши изборниот молк и кршењето на законите и стандардите поврзани со изборниот процес, мора веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција (купување гласови).

Бараме од Државната изборна комисија и ја охрабруваме да ги искористи сите свои законски ингеренции до максимум и да спроведе законит, слободен,фер и демократски изборен процес. Ингеренциите на ДИК се високи и таа се наоѓа на врвот на изборниот процес. ДИК не мора да чека приговори и жалби, туку може да дејствува, по допрен глас и според сопствени наоди и мислење. Очекуваме на овие избори тоа и да го стори.

Бараме од членовите на избирачките одбори строго да се придржуваат до процедурите и Изборниот законик, да бидат љубезни, професионални и достоинствени во спроведувањето на своите задачи на изборниот ден. Ги охрабруваме да не подлегнуваат на евентуалните притисоци и коруптивно делување на одредени партиски структури. За секоја информација која им е потребна, треба да се јават на Општинската изборна комисија или на Државната изборна комисија. Секој обид за притисок врз нив да го пријават во полиција, но и ЦИВИЛ стои на располагање за пријавување на таквите случаи. Воедно, бараме од сите членови на избирачките одбори да ги почитуваат интегритетот и работата на набљудувачите и на новинарските екипи и под никакви услови да не ги попречуваат во нивната работа.

Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување. Никому не должат ништо. Сè што им ветуваат партиите и кандидатите на било кои избори, всушност, им припаѓа ним, според Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани кои нема да се најдат на Избирачкиот список, тоа да ни го пријават. Доволно е да ни достават име, презиме и адреса на живеење. За жал, ДИК и другите институции не најдоа време и начин да го решат овој проблем, но важно е да ги имаме тие информации за да се реши проблемот во најскоро време, еднаш засекогаш, по изборите.

Ги повикуваме медиумите да бидат непристрасни и професионални. Новинарките и новинарите во овој период имаат голема општествена одговорност. Ги охрабруваме да бидат на висина на својата задача и да манифестираат максимална професионална и морална одговорност. За секој проблем со кој се соочуваат, ние им стоиме на располагање.

Ги повикуваме ситеграѓанки и граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности од секаков вид. Притисоци, закани, уцени, корупција, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси или службената положба, кршење на изборниот молк, незаконито работење на изборната администрација, агитација и пропаганда, говор на омраза, лажни вести, проблеми со Избирачкиот список, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.

Пријавите може да поднесуваат деноноќно, на веб страницата Слободни избори, по електронска пошта (civil@civil.org.mk), во порака на Фејсбук или на телефоните 02 / 5209 176, 070 734 044.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...