Комисијата за кадровски прашања на ЦИВИЛ денеска почна со финализирање на одлуките по апликациите за набљудувачи на претседателските избори.
Интересот да се стане набљудувач на ЦИВИЛ е голем и повеќекратно го надминал бројот од 160 колку што организацијата може да акредитира набљудувачи во овој изборен процес.
Првичните резултати ќе бидат познати денеска, а одлуките за статусот на апликациите ќе бидат доставени до кандидатите најдоцна до среда, 27 март.
ЦИВИЛ, како што соопшти, спроведува континуиран мониторинг на состојбите на човековите права преку својата мрежа на активисти, проектни тимови и граѓански новинари, а особено засилен мониторинг во изборен контекст почна веднаш по распишувањето на изборите на 8 февруари. Досега, ЦИВИЛ објави голем број содржини поврзани со мониторингот на својата медиумска платформа. За да бидат содржините подостапни, се отвори и посебна рубрика „ИЗБОРИ 2019“.
Освен редовното објавување информации и извештаи од теренот, ЦИВИЛ почна и со серија содржини со едукативен карактер, од кои деновиве ќе состави и онлајн публикација со цел да им помогне, како на своите набљудувачи, така и на сите гласачи, во донесувањето информиран избор на денот на гласањето.