Цивил: Време е човекот одново да ја обмисли својата иднина

73

Светскиот ден на планетата Земја, 22 април, е потсетник дека грижата за единствениот дом што го имаме во вселената треба на сите да биде примарна цел, велат од Цивил по повод денешниот ден.

„Борбата против климатските промени, од кои опасноста е сè поголема, во светот се одбележува преку бројни акции и настани  за јакнење на јавната свест за заштита на животната средина, зачувување на природните ресурси на земјата и создавање одржливо и здраво општество за сите. ЦИВИЛ-Центар за слобода веќе започна со проектот „Акција-Интеграција“ чија цел, меѓу другото е и јакнење на јавната свест за граѓанско учество, разбирање и застапување на зелените вредности и иницијативи“, пишува во соопштението од Цивил.

Оттаму велат дека ќе продолжат да ги бранат своите бескомпромисни позиции за социјална и еколошка правда во општеството. Личната среќа, здравјето, човечкото достоинство, човековите права и слободи, меѓу кои е универзалното човеково право да живее и работи во чиста и здрава животна средина, велат, се основата на нашите заложби во оваа сфера.

„Застапувањето, промоцијата и почитувањето на зелените вредности се дел од европските вредности. Секојдневно и насекаде ќе се залагаме за овие вредности, без оглед на тоа дали нашите активности и проекти имаат истакнато „зелено знаменце”. Доаѓа време кога мораме без заобиколување, чесно и отворено, да посочиме на лажните и лицемерни ентитети кои само декларативно се изјаснуваат како зелени и кога проектите за одржливост се само декор на експлоататорски и анти-еколошки политики и практики. Ние велиме СТОП за злоупотребите. Очекуваме институциите и граѓанското општество прво да научат, а потоа да почнат и да ги почитуваат зелените вредности кои се дел од европските и светските цивилизациски вредности“, стои во соопштението од Цивил.

Како што велат оттаму, ниту планетата Земја, а ниту нашето општество веќе не можат да толерираат манипулации. Време е човекот одново да ја обмисли својата иднина и да зачекори кон неа. ЦИВИЛите веќе чекорат кон таа иднина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...