Поради неочекувано пролонгирање на градежните работи околу реновирањето на основното училиште „Гоце Делчев“, учебната година за учениците во ова училиште ќе започне со мало задоцнување, односно во понеделник (10.9.2018), реагира Општина Центар на прес конференцијата на Јована Мирчевска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Центар.
„Градоначалникот Саша Богдановиќ и директорката на основното училиште, заедно со одговорните во општината, темелно ќе ја испитаат настанатата ситуација и ќе постапат по истата.
Изгубените часови учениците ќе ги надоместат во договор со наставниците и одговорните во училиштето. Она што нема да се надомести е штетата која ВМРО -ДПМНЕ ја нанесе на образованието и на образовниот систем, како на локално, така и на централно ниво“, се наведува во реакцијата од Центар.
Оттаму додаваат дека во текот на летниот распуст, општина Центар по речиси 20 години, интервенирала во училиштето со доградба на нови училници и поставување енергетски ефикасна фасада, со што ќе се подобрат условите за работа и ќе се овозможи едносменска настава на учениците.