Центар дал 21 дозвола за градба за ДУП-ови во кои не важи мораториумот

736

По донесување на мораториумот, Општина Центар има издадено вкупно 21 одобрение за градби од кои 6 се за градење на нови градби во ДУП Градска четврт Ј07, едно одобрение од ДУП Француски гробишта и едно од ДУП Дуќанџик, ДУПови за кои не важи мораториумот, како и 13 одобренија за градба чија постапка со барање за градење е започната во периодот пред да почне да важи мораториумот.

Ова го соопшти денеска градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на прес конференција.

– Одлуката за запирање на градби е донесена со одлука на Советот и се однесува на 31 Детален урбанистички план. Оваа одлука не може да се однесува на управни постапки кои отпочнале пред донесување на Одлуката, односно не се однесува на барања за одобренија за градба поднесени пред 27.12.2017 – рече градоначалникот на Центар.

Како што соопшти тој, исклучок биле само три Детални урбанистички планови: Градска четврт Ј07, Француски гробишта и ДУП Дуќанџик, чие донесување било по Генералниот урбанистички план.

Сите останати одобренија кои се поднесени и пуштени преку електронскиот систем на ЗЕЛС, Е-Одобренија, се однесуваат на адаптација (18), пренамена (3), реконструкција (16), доградби и надградби (5) и инфраструктурни одобренија за атмосферска, фекална, канализација за улици, одобренија за водоводна мрежа (16).

– Далеку од тоа дека ќе се дозволат такви висини – одговори тој на новинарско прашање за 60-катниците кај „Холидеј Ин“.

Некои од одобренијата дури сега добиле конечност иако се започнало со градба во 2016, а Богдановиќ вели дека ако не најдат правна можност, не можат да ги сопрат градбите.

– Според мои информации, 6 плана треба да бидат ставени на дневен ред на седница, зашто граѓаните кои живеат таму, дале поддршка – заврши тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...