Цените на нафтата паѓаат поради стравот од коронавирусот

171

Цените на нафтата на светските берзи паѓаа и минатата, петта, недела по ред, како поседица на стравувањата дека заради економските последици од ширењето на коронавирусот во и надвор од Кина ќе се намали побарувачката на „црното злато“.

На Лондонската берза цената на барелот минатата недела опадна за 6,3 отсто, на 54,47 долари, додека на американскиот пазар барелот беше поефтин за 2,4 отсто, на 50,32 долари.

Бидејќи во Кина секојдневно се зголемува бројот на починати и заразени, стравувањата од пандемија  и натаму се големи. Особено затоа што има уште многу непознаници за коронавирусот, особено стапката на смртност и начинот на ширење.

Кинеската економија, пак, е под огромен притисок бидејќи серија градови се во карантин, а бројни авионски летови се откажани. Многу фабрики се затворени, а синџири за набавка се прекинати.

Аналитичарите сметаат дека тоа може да предизвика уште поголема економска штета отколку што се очекуваше, и покрај бројните економски поттикнувачки мерки на кинеските власти.

Аналитичарите на Џ.П. Морган ја намалија проценката на раст на кинеската економија во првиот квартал од годината од првично планираните 6,3 на 4,9 отсто.

Заради тоа се очекува и помала побарувачка за нафта. Групата Еуроазија проценува дека побарувачката за нафта само во Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, во првото тримесечје од годината ќе се намали дури за три милиони барели дневно во однос на истиот период лани.

Заради тоа ОПЕК и нејзините сојузници, на чело со Русија, ра разгледуваат можноста за натамошно намалување на дневното производство на нафта за 600.000 барели, како подршка за стабилизирање на цените.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...