Непромената останува цената на електричната енергија по која од 1 јули (понеделник) домаќинствата ќе ги снабдува универзалниот снабдувач ЕВН Хоум што почнува со работа како дел од целосната либерализација на пазарот на струја, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Тоа значи дека во скапа (висока) тарифа цената за киловат час ќе биде 5,54 денари, а во ниска (евтина) тарифа ќе остане 2,78 денари за киловат час.
Кај броилата кои се на една тарифа и кај кои нема скапа и евтина струја цената ќе биде 4,44 денари за потрошен киловат час.
Одлуката за цената на струјата ќе важи до 30 јуни следната година, а на регулираниот пазар ќе нема потреба од увоз на електрична енергија.
– И покрај целосната либерализација на пазарот на електрична енергија од почетокот на годината со која голем број комерцијални потрошувачи ги намалија своите трошоци за електрична енергија помеѓу 20 и 30 отсто, цената за домаќинствата останува непроменета – рече на прес-конференција претседателот на РКЕ Марко Беслимовски.
Според него, со стартот на работењето на универзалниот снабдувач единствена промена за домаќинствата ќе биде новото име на компанијата на сметките од следниот месец. Се друго, вклучувајќи ја и цената, останува исто. Маржата од 11,5 проценти што е утврдена за универзалниот снабдувач треба да му ги покрие сите трошоци за работењето, да му обезбеди средства за ликвидност и да му овозможи одреден профит.
Тој потенцираше дека на регулираниот пазар ќе нема потреба од увоз на електрична енергија, која ќе ја обезбедува ЕЛЕМ и ќе има дополнителни количини за продажба на слободниот пазар што се очекува да бидат повисоки во однос на минатогодишните.
– Цената на струјата не се одржува на вештачки начин поради тоа што АД ЕЛЕМ лани оствари добивка од 29 милиони евра, со што се отвора поголем простор за продажба на вишоците на струја и годинава ќе ја задржи финансиската стабилност – рече Беслимовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Образложувајќи ја одлуката претседателот на РКЕ укажа дека поради зголемената цена на слободниот пазар на електрична енергија трошоците за загуби на МЕПСО годинава споредено со лани се зголемени за два милиона евра, а во однос на 2017 за 3,8 милиони евра. Кај Електродистрибуција трошоците по тој основ годинава во однос на лани се зголемени за приближно пет милиони евра, а споредено со 2017 за 11 милиони евра.
– ЕЛЕМ на аукцијата што се одржа во средата понудија цена од 34,5 евра за мегават час и се обврзаа да ги задоволат целокупните потреби на малите потрошувачи и домаќинствата. Во услови на намалена цена за 15 проценти во однос на лани на ЕЛЕМ, оваа компанија ќе обезбеди финансиска стабилност бидејќи со либерализацијата на пазарот на електрична енергија се отвори поголем простор и поголеми количини да се продаваат на слободниот пазар на струја и во државава и во странство. Сите овие придобивки се пренесени во одлуката за цената на струјата – рече Беслимовски.
Од воведувањето на евтината тарифа има зголемена потрошувачка во периодите на нејзино важење, на годишно ниво во износ од 11 милиони евра. Споредено со 2017 година кога беше воведена евтината тарифа, посочи Беслимовски, цената за домаќинствата е намалена за пет проценти.