Цената на становите во Скопје ќе паѓа, ако граѓаните почнат да купуваат квалитет, а не местоположба на станот, вели претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Андреа Серафимовски,
Тој на денешната прес конференција рече дека очекува веќе оваа година да се достигне реалната цена на становите, бидејќи очекува граѓаните да прават разлика меѓу квалитетот и местоположбата на станот.
– Време е граѓаните да ја диктираат цената на становите и да бараат квалитет. Не може цената на станови кои се градени со квалитетен материјал, за кои е обезбеден паркинг, соодветно зеленило, да биде иста со цената на становите кои се спротивност на тоа. Апелираме до сите потенцијални купувачи да обрнат посебно внимание при купување стан во наредниот период. Досега побарувачката беше многу голема и се продаваа станови врз база на локацијата, наместо да се гледа квалитетот – рече Серафимовски.
Според него, во иднина цената на становите во Центар нема да се менува, бидејќи тоа е практика во светот, но во другите општини во Скопје би требало да почне да паѓа зависно од квалитетот на градбата и дали се исполнети услови за квалитетно живеење на граѓаните.
– Секако тоа ќе зависи од купувачите, колку тие се подготвени да бараат квалитет наместо локација на станот. Квалитетните станови треба секаде да имаат повисока цена – вели тој.
Серафимовски, како што рече, очекува извештај од запирањето на деталните урбанистички палнови во општините за да се утврди дали тоа влијаело на работењето на градежните компании кои работат во високоградбата.
– Ние сме согласни на една ваква анализа, но очекуваме извештај кој ќе покаже дали градежниците напразно беа стопирани во работењето или од анализата на плановите во општините ќе имаат корист граѓаните, но и градежниците – рече Серафимовски.
Според одобренијата за градење, во првите четири месеци од годинава е предвидена изградба на 2.150 станови, што е намалување од 29,64 отсто во однос на истиот период лани, кога биле предвидени 3.056.
Иако во намален обем, како што укажуваат од Kомората, изградбата на станбени објекти и покрај големиот број непродадени станови продлжува. Податоците на Катастарот покажуваат пад на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување. Од регистрирани 11.363 продажби, само 963 (8,5 проценти) биле прва продажба на недвижноста.
Највисоки се цените во Центар каде изнесуваат 1.300 евра за метар квадратен, во Кисела Вода, Аеродром и Карпош од 950 до 1.050 евра.
Здружението за градежништво, на денешната прес-конференција, изрази загриженост од падот во нискоградбата во првиот квартал од годината, но очекува состојбата да се подобри со реализацијата на инфраструктурните проекти.
– Падот во нискоградбата во првиот квартал од годинава во однос на истиот квартал лани од 68,4 отсто, главно се должи на запирањето на капиталните проекти, пред сѐ, на застојот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, експресниот пат Градско-Прилеп и гасоводната мрежа кај Неготино. А влијаеја и лошите временски услови. Апелираме побргу да се надминат причините за застојот за да се спречи натамошните загуби во градежниот сектор. Со продолжување на овие инфраструктурни објекти и со реализација на новите објекти очекуваме градежништвото да забележи раст во наредниот период – рече Серафимовски.
Тој побара и поддршка од Владата за компаниите кои работат во странство, бидејќи трендот на пад во овој дел од ангажманот на градежниците се продлабочува.
– Ние имаме компании кои можат да работат во странство и треба да се одржат – рече Серафимовски.
Во периодот јануари-март годинава вредноста на договорените градежни работи во споредба со истиот период од претходната година бележи пад од 61,1 отсто, додека вкупната вредност на извршените градежни работи има пад од 12,6 отсто.