Вработената во маркетот „Рамстор“ во ТЦ „Капитол“ во Аеродром, која синоќа тешко ја повредила левата рака додека ја чистела машината за месо, е во стабилна здравствена состојба по укажаната интервенција на Универзитетската клиника за пластична хирургија каде хирурзите до 5 часот утрово ѝ ја спасувале раката на несреќната жена.
Прстите на вработената 48-годишна скопјанка В.Б. повеќе од еден час биле притиснати во машината за месо, при што таа се здобила со тешки повреди, ама, за среќа, прстите не се ампутирани.
Во маркетот „Рамстор“ синоќа се случувала вистинска драма, кога пред затворање требало рутински да се исчисти машината за месо. Одеднаш, вработената почнала да вика, по што вработените притрчале да помогнат. Како што Плусинфо синоќа објави, по несреќата која ѝ се случила на вработената, веднаш била повикана и екипа на скопската Итна медицинска помош, но и Противпожарната бригада на Град Скопје, која би требало да ја пресече машината за месо за да се ослободат пригмечените прсти.
На крајот, вработената и покрај сета паника и болките, со помош на пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, успеале да го олабават ваљакот на машината и ја извадила раката.
Драмата продолжила во Ургентниот центар на скопските клиники, каде со Итна помош била донесена повредената жена.
– Пациентката со тешки телесни повреди е донесена во Ургентниот центар синоќа во 22.30 часот и преземена на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Таа имаше тешки компресивни и конквасантни повреди на трите прста од левата рака, која, за жал, долго време – повеќе од еден час, ѝ била заглавена во машината. Дежурната лекарска екипа составена од специјалисти по пластична хирургија направивме стабилизација на скршениците на коските на прстите, а ги реконструиравме и повредените тетиви на прстите. Исто така, ги реконструиравме и оштетувањата на кожата на прстите. Пациентката моментално е во стабилна, добра општа состојба, а следните 48 часа се од критично значење за понатамошниот тек на лекувањето – изјави за Плусинфо, д-р Софија Пејкова, в.д. директорка на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија која ноќеска била дежурен хирург и заедно со колегите интервенирала во случајов.
Првичната информација која синоќа ја објавивме – дека машината ѝ ги откинала прстите на вработената, а која што ни беше кажана во Службата за итна медицинска помош, за среќа, не е точна.
Соопштение за целиот случај ни најавија и од управата на „Рамстор“, каде прашавме и колку често се случуваат повреди на работното место, дали и колку обуки посетуваат вработените, како и дали синоќа, пред да се случи инцидентот, машината за месо била исклучена од струја, пред да почне да се чисти.
Шестмина пожарникари интервенирале за вработената да може да ја одглави раката
Владимир Симоновски, командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје објаснува како се одвивало одглавувањето на пригмечената рака на вработената заробената али лифт или врата ,
– Колегите стасале за пет минути на терен. Повикот го примивме синоќа во 21. 03 часот, тие дошле во Рамстор во 21. 08 часот, а интервенирале до 22. 30 часот за повредената да може да ја извади раката од машината. Едно возило и шестмина пожарникари излегле на терен, бидејќи интервенцијата била посложена. Во случајов, станува збор за човечки живот, не за заглавен лифт или врата, па бил употребен хидрауличен алат за одглавување за да може да се извади екстремитетот. Според временскиот период колку траела, еден и пол час, тоа била тешка интервенција, при којашто успеале да ја раздвојат машината, за да се олабави притисокот и раката да се ослободи. Колегите не смееле да почнат да ја сечат машината, поради опасност од пожар и можно дополнително загрозување на состојбата на повредената жена – раскажува Симоновски.
Кога екипа на Итна медицинска помош или некоја друга екипа за спасување доаѓа на терен, таа, додава Симоновски, не располага со соодветна опрема која е неопходна во вакви случаи, па затоа мора да интервенираат и пожарникарите.