Заврши реконструкцијата на родната куќа на основоположникот на современиот македонски јазик, граматика и правопис, Блаже Конески во селото Небрегово, во општина Долнени, објави Мета.
Според информациите од „Завод и Музеј“ во Прилеп, извршено е комплетно препокривање на објектот.
– Ставени се нови, камени плочи увезени од Грција. Овој проект е дел од редовната Програма на нашата установа за минатата година, финансиран со милион денари од Министерството за култура – изјави директорот Благоја Атанасоски.
Се одржува и штити и трајната поставка со автентичната покуќнина користена од годините кога Конески го живеел детството и младоста во село Небрегово.
Откако се санирани дупките и ставен е нов слој асфалт на патот што води до селото, зголемен е и бројот на туристички посети на Спомен куќата.
Родната куќа на академик Конески е средиште на културни настани во текот на целата година, со особен акцент на денот на раѓањето 19 декември (1921) и неговата смрт 7 декември (1993).
„Завод и Музеј“ Прилеп до Министерството за култура достави барање, Спомен куќата на поетот, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор Конески да биде во задолжителните екскурзии на учениците од сите училишта во државата.
Фото: Мета