Цветковиќ: Комисијата за заштита од дискриминација не направи ништо, освен што му даде „пусулче“ на Груевски

918
Фото: ванчо џамбаски

Се што направи комисијата за заштита од дискриминација е да му издаде „пусулче“ на Груевски во кој тој бараше азил за Унгарија. Оние луѓе на кои навистина не им е место во комисијата, продолжуваат да земаат хонорари околу 40.000 денари месечно, за да не прават буквално ништо. Таму има и добри членови, меѓутоа поединци во комисијата и самите во кариерата вршеле дискриминација. Ова за Плусинфо го изјави Ирена Цветковиќ од Коалицијата Маргини.

– Очекуваме и бараме сексуалната ориентација и родовиот идентитет да бидат вклучени во законот за заштита од дискриминација. Веќе девет месеци законот стои во собраниска процедура. За овој закон, ние зборуваме од 2010 година. За потребата, не само внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентит, ами и низа други измени. Сега можеби најболната точка е непрофесионалната комисија за заштита од дискриминација – рече Цветковиќ.

Таа додаде дека законот не носи поволности на ЛГБТИ заедницата, туку само им дава заштита.

– Знаеме дека ЛГБТИ заедницата е многу често жртва на дискриминација. Искуството на Коалиција маргини покажува дека образованието и учебниците како дел од образовниот процес се места каде што има дискриминација на овие две основи. Медиумите често создаваат содржини кои се дискриминаторски, имавме ваков случај и овие денови. Веројатно најмалку се пријавува дискриминација на работно место, што не значи дека не постои, ами ќе треба да работиме на охрабрување да се пријавуваат такви случаи – појасни Цветковиќ.

Според неа, тоа ќе биде многу тешко бидејќи најголем дел од ЛГБТИ заедницата на работа се „скриени“ и не зборуваат за сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

– Имаме несакани ситуации и во здравство, поставуваат непријатни прашања заради нивна љубопитност, особено поврзани со транс луѓето. Некои одбиваат да прегледаат трансродова жена, други одбиваат ваквото лице да лежи во болница во женски дел и ја сместуваат во машкиот – додаде Цветковиќ.

Како што рече таа, не очекуваат дискриминацијата целосно да исчезне.

– Кога би знаеле дека има добар закон и механизам кој штити, поединци веројатно не би можеле толку лесно да дискриминираат, би се плашеле – нагласи Цветковиќ.

Таа додаде оти Европската комисија ќе ја оценува државата за влез во ЕУ и во однос на ова прашање.

– Од Македонија се бара законот да биде донесен. Мислам дека многу доцниме. Ние сме единствена земја во регионот, која ги нема овие две основи во законот за заштита на дискриминација – заврши Цветковиќ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...