Цаца Николовска: Не беше понудена амнестија каква што некои сакаат да ја прикажат

337

Лично сметам дека амнестија во таа смисла во која што сакаат некои да ја прикажат не беше понудена, ниту пак може да се понуди во Парламент таква амнестија од страна на премиер, изјави денеска претседателката на Институтот за човекови права и поранешна судијка на Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска.

Прашањето за помирување, како што рече таа, повеќе го сфаќа како прашање дека сите треба да се освестиме во каква состојба се наоѓа Македонија и оти доколку не се помериме во насока да оцениме кои се вредностите на една држава нема да одиме напред.

Посочи дека обврска на сите политички партии е да ги следат насоките кои ќе ја доведат државата, а со тоа и граѓаните во едно поквалитетно живеење.

– Европската Унија и НАТО на сите ни е предизвик. Сите се за ЕУ и за НАТО, ама ако може да влеземе без обврските кои ги знаеме и на некој начин сме ги првезеле- рече Цаца Николовска.

Во однос на актуелните судски процеси во Кривичниот суд, таа истакна дека тие мора да завршат, бидејќи право на секој е да биде изведен пред суд и судот да донесе одлука по однос на неговата виновност.

– Постапките се почнати и тие може да завршат. Доколку дојде до некоја амнестија во онаа смисла на зборот за целосно ослободување  од кривична одговорност на некој начин, затоа што и амнестијата знае со игра на зборови да го тргне тоа прашање, доколку и тоа се случи сигурна сум дека првата забелешка ќе биде во независното и непристрасно судство и во непочитување на најважниот принцип „владеење на правото“- рече Цаца Николовска.

Владеењето на правото, како што појасни таа, меѓу другото значи да се борите и со криминалот, да биде казнуван тој што извршувал криминални дејствија.

– Таквото казнување и утврдување на таквата состојба е само на страна на судот и не може никој друг тоа да го оцени и да го примени во она што значи функционирање на една правна држава- додаде Цаца Николовска.

Во однос долгите судења за предметот за „27 април“, таа рече дека не присуствувала на тие судења и не знае што е проблемот.

– Европскиот суд за човекови права секогаш во предметите за одолговлекување на постапката ги ценел однесувањата на двете страни. Значи барањето или правење на одредени активности што ќе овозможат судење без релевантни факти и причини не е во насока на фер постапување- рече таа.

Според неа, судијата за секоја одлука треба да донесе аргументирано образложение зошто така постапува.

– Јас во една прилика слушнав дека некои од адвокатите дека немале услови за судење во таа судница, а до пред извесно време истите тие адвокати таму  постапуваа и таму се извршуваа сите судења. Во што е проблемот не можам да оценам, затоа што многу бегло беше презентирано, рече таа.

Должина на постапка, како што посочи Цаца Николовска, не се гледа само од аспект на однесување на судовите, туку се гледа и од многу други аспекти и во таа насока треба и таква оценка да се даде.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...