Царовска: Ја намаливме сиромаштијата, го вративме достоинството ВИДЕО

253

Министерката за труд и социјални политики, Мила Царовска, денеска на прес-конференција зборуваше за проектите и реформите кои ги спроведува министерството со коешто раководи, а од кои директно корист имаат, како што рече, 300.000 граѓани.

– Навистина ми е драго што со посветена работа Министерството за труд и социјална политика успешно ја имплементираше социјалната реформа.Ова беше едно од нашите главни ветувања и среќна сум што веќе го исполнивме. Резлутатот од реформата е многу значаен – 30.000 домаќинства или околу 120.000 граѓани, веќе три месеци, земаат социјална помош повисока во просек за 300%.

Само за три месеци, детскиот додаток им се исплаќа на 20.230 деца што е за три пати повеќе, а образовниот 8.681 деца, што е за три и пол пати повеќе од претходно. До крајот на реформата очекуваме околу 70.000 деца да примаат детски и образовен додаток, што ќе биде за 20 пати повеќе од претходно.

Сето ова го правиме за да ја намалиме детската сиромаштија и да им го вратиме достоинствениот живот на луѓето, преку поддршка при вработување и нивно вклучување на пазарот на труд. Ова е многу важно за мене како министерка и за нас како Влада. Цврсто сме решени да ја намалиме сиромаштијата и да помогнеме за секое дете да има еднаква шанса да успее во животот.

После долги години го враќаме достоинството и на воспитувачите и на социјалните работници. 1.170  вработени во Центрите за социјални работи добија историско зголемување на платите во просек за 4.363 денари по вработен, за што се обезбедени дополнителни 8 милиони денари месечно. Со ова конечно тие ќе добијат достоинствени примања, но и поголема мотивација да работат и напредуваат. Со социјалната реформа, социјалните работници излегуваат од позади бироата и излегуваат на терен директно да работат со граѓаните. Тие се столбот на реформата и директно одговорни за поддршка на примателите и нивно вадење од длабока сиромаштија – рече Царовска.

Министерката додаде дека е обезбедено историски највисоко покачување за 3.138 негуватели и воспитувачи во градинките. Тие сега земаат плата во просек за 3.000 денари повисока од претходно односно добија покачување за 16%, за што се обезбедени 13 милиони денари месечно. Дополнително зголемување од 5% ги очекува и со септемвриската плата која ќе се исплати во октомври и со тоа вкупниот пораст на плати ќе биде 21%.

– Даваме шанса и на постарите коишто останале без стаж за пензионирање, а го граделе нашето општество. За овие граѓани ја воведовме социјалната пензија во висина од 6.000 денари и првите над 200 уплати се веќе реализирани. Центрите за социјални работи тековно работат на разгледување и одобрување на околу 4.000 барања коишто пристигнаа до нив согласно новиот Закон за социјална сигурност на стари лица. Владата предводена од СДСМ не се откажува ниту од зголемувањето на минималната плата. Минималната плата достигна 12.507 денари. Уште поважно е што таа се изедначи во сите сектори, вклучително и кај одделите производство на текстил, облека и кожа, каде минималната плата беше околу 8. 000 денари. Благодарение на ова решение, 50.000 работници од трудово интензивните индустрии добиваат плати повисоки за околу 4.000 денари месечно. Во моментот се прават последните пресметки за ново законско решение со кое платите ќе продолжат да растат – рече таа.

Царовска потсети дека со нови законски измени обесштетени се околу 11.000 стечајци, кои секој месец до нивно пензионирање ќе добиваат надометок од околу 8.200 денари. Таа очекува во скоро време да има законски измени со коишто материјално ќе се обезбедат уште 1.000 стечајци со што вкупната бројка ќе биде 12.000.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...