Успешно се спроведуваат Оперативниот план за вработување 2018 и пилот-програмата Гаранција за млади. Тоа покажува дека создадовме ефикасни механизми за намалување на невработеноста во Македонија, а веројатно во наредниот период позитивните резултатите ќе се видат и кај младите кои се уште се без работа, соопшти министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
За мерките за вработување од Оперативниот план годинава има највисок буџет, односно 987 милиони денари, што е двојно повеќе од 2016 година кога изнесувал 435 милиони денари. Висок процент на оствареност има во мерките обука за занаети, новата мерка за обука за персонални асистенти, обука за вештини од финансиско и банкарско работење, обуки за ИТ-вештини и вештини од областа на безбедноста, обука за странски јазици…
– Заклучно со минатата недела, во десет од мерките имаме речиси стопроцентна реализација. Досега со мерките за вработување се опфатени 4023 лица од планираните 6410 на годишно ниво, што покажува ефикасност во имплементацијата на мерките што е цел на овој План, истакна Царовска денеска на прес-конференција.
Во однос на пилот-програмата Гаранција за млади, која се спроведува пет месеци во Скопје, Струмица и Гостивар, Царовска рече дека ги надминала нивните очекувања и дека ќе донесе голем ефект врз намалување на невработењноста кај младите. Притоа посочи дека Македонија се уште не е членка на ЕУ, а ја имплементира оваа програма.
– За пет мееци преку оваа програма се опфатени 1979 млади лица до 29 години. Од овие вклучени млади лица, 586 веќе се вработиле, 705 се вклучени во некоја обука или пракса и 952 лица се вклучени во услуга за посредување при вработување. Овој процент на реализација ни дава основа да направиме анализа колкав процент на средства ќе бидат одвоени наредната година и дали ќе одиме на национална имплементација или остануваме во пилот-општините или пилот-регион, истакна министерката за труд и социјална политика.
Директорка на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска рече дека мерките и програмите од годишниот Оперативен план се поделени во две групи – едни што водат во директно вработување и оние кои ја зголемуваат вработливоста на невработените лица.
Главна цел, рече, им е успешно да посредуваат на пазарот на трудот и дека соработуваат со сите чинители (министерства, граѓански сектор, комори…) и особено внимание посветуваат на најранливите категории невработени, пред се млади и оние што се во социјален ризик. Посочи дека сите невработени лица кои се регистрирани во Агенцијата за вработување имаат еднаков пристап до сите програми, мерки и услуги за вработување утврдени со Планот.
– Интересот за Оперативниот план беше голем, тоа го покажуваат и големиот број апликации коишто пристигнуваа во Агенцијата преку центрите за вработување низ цела територија. Меѓу програмите што предизвика најголем интерес е програмата за самовработување, чиј опфат оваа година изнесуваше 1176 лица, а аплицираа 2184 невработени лица. Од нив 1521 лице досега успешно ги завршија обуките за развој на претпримеништво и развој на бизнис-план, рече Јовановска, додавајќи дека 361 бизнис-план се веќе селектирани и подотвени за реагистрација на правните субјекти. Притоа соопшти дека за оваа мерка 37 проценти се жени, а приближно толку се млади лица до 29 години.
Голем интерес имало и за програмите за општинско-корисна работа за што се потпишани договори со 55 општини, а пристигнати се апликации од 309 лица.
Според резултатите што ги имаат од овие мерки, женската популација е помалку активна. Министерката Царовска рече Македонија не поттикнува активација на жените.
– Тоа е затоа што традиционално се смета дека грижата за деца, за возрасни, за немоќни, останува на жените. Со тоа, во огромен процент жените остануваат во домашни услови, извршуваат работа која не е платена и тие не се регистрираат како активни баратели на работа. Правиме анализи како да воведеме економија базирана на заштита. Оваа дејност која се врши дома, ако се воведе како сервис на локално ниво, сето тоа се креирање нови работни места за женската популација во оние места во кои овие сервиси сега ги нема, рече Царовска.
Се подготвува нова анализа за потребите на пазарот на трудот која ќе биде објавена до крајот на годината и ќе биде насока за политиките за наредната година.