Царовска: Се подготвуваме да отвориме Ресурсен центар за креирање родово одговорни политики и буџетирање

92
Владина делегација, предводена од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, присуствуваше на тридневна студиска програма за родово одговорно буџетирање, чиј домаќин беше Владата на Мароко.
Целта на студиската посета, соопшти Министерството за труд и социјална политика, беше запознавање со меѓународно признати добри практики на Ресурсниот центар за креирање родово одговорни политики и буџетирање во Рабат, Мароко.
Министерката Царовска ги презентираше напорите на Владата на Северна Македонија за институционализирање на родовото буџетирање во креирањето на националните политики и буџетирање.

– Северна Македонија веќе ги прави првите чекори во вклучувањето на родовите прашања во секторите и програмите. Имаме поволен екосистем да одиме понатаму и да ја унапредуваме агендата на родовата еднаквост. Оваа делегација е движечка сила која може да го направи тоа и што е уште поважно, имаме целосна поддршка од премиерот за да ја прифатиме оваа можност и да отвориме ваков ресурсен центар и во Северна Македонија – рече министерката Царовска, која ја предводеше владината делегација во Мароко.

Државниот секретар во Министерството за финансии, Елена Трпковска посочи дека работат на таа реформа.

– Реформите во областа на јавните финасии на кои во моментот е посветено Министерството за финансии, во целост го поддржуваат родово одговорното буџетирање преку воспоставување родови принципи, механизми и родово сензитивни индикатори, како и следење на нивното реалзирање – рече Трпковска.

Раководителот на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ истакна дека телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, во постојана соработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии, ги поддржува иницијативите за родово одговорно буџетирање во земјата.

– Оваа студиска посета е дел од подготвителната фаза за отворање на првиот Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање во Северна Македониј -, рече Ивановиќ.

Студиската посета е во рамките на проектот „Промоција на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, и спроведен од UN Women.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...