Навистина сум среќна што дечињата во Шуто Оризари добија современ објект во којшто ќе може интерактивно да се вклучуваат и сите заеднички да учат и да се развиваат. Бидејќи навистина е важно предучилишното образование да се започне што порано за децата понатаму да можат да добијат подобар старт за основно и средно образование, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, при посетата на градинката „8 Април“ во Шуто Оризари, која ги прави последните технички подготовки за отпочнување со работа.
– Општина Шуто Оризари имаше своја градинка но таа сите сме сведоци пред 4 години изгоре. Ние започнавме со изградба пред 2,5 години. Благодарение на Норвешката амбасада којашто ги донираше средствата за иградба и УНДП којшто техничко го поддржуваа процесот на градба, МТСП целосно го финасираше опремувањето. Со тоа се докажа дека со заеднички сили навистина можме да добиеме објект којшто е современ и е според потребите на децата. Ние како министерство интензивно градиме инфраструктура за прием на што повеќе деца во предучилишно образование, што значи дека градиме со план и инвестираме во децата кои се иднината на државата – изјави Царовска.
Градежните работи на градинката „8 Април“ се речиси целосно завршени. Новиот објект е со простор од 1225м2, и е целосно адаптиран за грижа на деца со попреченост. Кралството Норвешка обезбеди финансиската поддршка за овој објект во износ од 35 милиони денари.
– Партнерството со Владата на Северна Македонија е во повеќе општествени сегменти и со повеќе владини тела. Задоволство е да даде поддршка на еден ваков објект кој ќе овозможи инклузија на сите категории на граѓани – истакна Герк Хакон Јохансен, прв секретар на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград.
Во моментот градинката располага со капацитет за 160 деца, а со планираната втора фаза на изградба објектот треба да добие и јасли со капацитет за 90 деца.