Вселенската патријаршија ја носи одговорноста да ги поставува работите во православниот свет во црковен и вообичаен поредок, бидејќи само таа ја има привилегијата да ја извршува оваа врвна и вонредна задача, вели вселенскиот патријарх Вартоломеј во врска со последната одлука на Архиерејскиот собор на Вселенската патријаршија да може да дава автокефалност на цркви и без согласност на другите помесни цркви.
– Ако Вселенската патријаршија се откаже и не ги исполнува своите одговорности и се оддалечува од православниот ред, тогаш локалните цркви ќе одат „како овци без пастир“, игнорирајќи ги црковните иницијативи кои ја збунуваат понизноста на верата со ароганцијата на моќта – истакнува Вартоломеј укажувајќи на улогата на Вселенската патријаршија во православниот свет, пренесува специјализираниот православен сајт orthodoxia.info.
На средбата одржана на почетокот на месецов било разговарано за прашања што се однесуваат на Вселенската патријаршија и внатрешните односи во православната заедница, вклучувајќи ја и ситуацијата во Украина, чија црква побара од вселенскиот патријарх да ѝ даде автокефален статус. На ова барање остро се спротивставува Московската патријаршија, тврдејќи дека Вселенската патријаршија нема надлежност да интервенира во црковни прашања во Украина.
– Во текот на првиот милениум нашите благословени предци се соочија со искушението на секташтвото. Големото искушение на вториот милениум со кое и сега се соочуваме е јурисдикцијата на црквите. Изворот на овој проблем се етно-схоластицизмот, експанзионистичките тенденции и поставените границите на црквите – посочува вселенскиот патријарх.
Вартоломеј нагласува дека Вселенската патријаршија има одговорност да ги става работите во нормален црковен поредок бидејќи само таа има привилегија и благослов од Црквата и Вселенските собори да ги исполнува тие обврски како мајка и авторитет на православните цркви.
Архиерејскиот собор на Вселенската патријаршија на состанокот одржан во Истанбул од 1 до 3 септември, донесе одлука да може да објавува автокефалност на црквите кои сакаат да добијат независност, и без согласност на останатите помесни православни цркви. Тоа според верските аналитичари практично значи дека Руската и Српската црква нема да можат да ја спречат независноста на Украинската и на Македонската православна црква.
Руската и Српската црква се изјаснија против независноста на украинската и на македонската црква, инсистирајќи на тоа дека за да добијат тие автокефалност, потребно е со тоа да се согласат сите останати православни цркви. Со тоа, Москва и Белград се надеваат дека ќе го блокираат патот на Македонија и Украина кон независност на црквите.
Московскиот патријарх Кирил пред неколку дена беше во Истанбул на средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, во обид да го спречи давањето автокефалност на украинската и на македонската црква. Грчки и бугарски медиуми, повикувајќи се на извори во Вселенската патријаршија, објавија дека се очекува до крајот на месецов, Цариград да издаде томос за независност на украинската црква. Сѐ уште не е познато во која фаза е постапката во однос на Македонската православна црква.
Во единствената реакција засега од МПЦ-ОА за одлуката на Вселенската патријаршија, митрополитот дебарско-кичевски и плаошки, Тимотеј, оцени дека тоа го отвора патот за признавање на македонската црква.
– Тоа ќе значи дека МПЦ ќе биде призната од најголем дел од православните цркви како рамноправна православна црква која ќе може да сослужува и ќе може да комуницира на рамноправна основа, а дали ќе биде СПЦ или некоја уште со неа согласна или не тоа не треба да нѐ вознемирува зашто ова не го решаваме ние, туку го решава Вселенската патријаршија која е прва по чест, но не само по чест, туку има и некоја власт ако си прв. А тие одлучија да дадат онаму каде подолго време тлее црковен проблем и мајката црква на канонски начин не сака да го реши тоа, а другите православни цркви кои се наоѓаат во таква состојба бараат помош од Цариград како апелација на некој начин и велат дека ние сме повикани да им помогнеме на тие цркви и на тие народи и во тој поглед одговорноста ја презема Цариградската патријаршија, а не МПЦ – рече владиката Тимотеј во изјава за Радио Слободна Европа.
МПЦ е подготвена за разговор со Цариград за изнаоѓање начин за решавaње на македонското црковно прашање, посочува владиката Тимотеј. Тој очекува во наредниот период да има средба на комисиско ниво на претставници на Вселенската патријаршија со дел од архиереите на МПЦ.