ФИНЕ ДОО и Фијат Цаноски од денеска ја почнуваат изградбата на комплексот „Космос“. Ивестицијата на комплексот изнесува близу 60 милиони евра, а објектот ќе биде завршен до 2021 година. Комплексот е предвидено да биде град во град.
Целиот комплекс се гради врз елаборатите за енергетска самоодржливост со што ќе се придонесе кон заштитување на животната средина и елиминирање на над 40 тони CO2 годишно кои инаку би биле испуштани во атмосферата. На овој начин се придонесува и со проблемот со загадување кој го има Скопје посебно во зимскиот период.
Големата зграда- седумнаесеткатница од комплексот, ќе биде поделена на пет ламели, а ќе има повеќе посебни влезови. Ќе има и помала зграда, која ќе биде поставена полукружно.
Двете згради заедно ќе имаат околу 560 стана. Поголемата зграда зафаќа бруто-површина од околу 80.000, а помалата околу 40.000 квадратни метри.
Во долниот дел од големата зграда на „Космос“ ќе има деловни простории и шопинг-центар, а на последниот кат ќе има луксузен ресторан, кој ќе ротира и ќе биде со површина од 1.500 до 2.000 квадратни метри. Од него ќе може да се гледа целата панорама на Скопје.
Во средишниот дел на овој последен кат ќе бидат сместени и фитнес-центар, базен и сауна за рекреација на станарите, а ќе има и детска градинка.
Меѓу двете згради, кои ќе бидат оддалечени 120 метри, ќе има парк и шеталиште. Паркирањето е решено со две подземни гаражи од по два ката под подрумите на зградите, а странично од комплексот е предвидена и гаража на два ката со околу 562 паркинг-плацови, така што ќе бидат задоволени потребите на станарите.
Ова е втор пат како Фијат Цаноски го почнува комплексот „Космос“. Првиот пат поради несогласување со тогашната власт комплексот кој беше изграден до петиот кат беше срушен со образложение дека објектот се гради повисоко отколку што било предвидено. Случајот „Космос“ дојде и до судот во Стразбур.