Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Гент Цакај оцени дека „предвремените избори во Македонија не се поради неуспехот да се отворат преговори со ЕУ“.
Тој нагласи дека „во соседната земја“ од поодамна се дискутирало за предвремени парламентарни избори, додавајќи дека предлогот на премиерот Зоран Заев „не е поврзано со одлуката на Советот на Европа“.
– Дискусијата за предвремени избори во Северна Македонија е од многу порано. Вие не можете да ги поврзете процесите. Предлогот за предвремени избори не е последица на одлуката на Советот – изјави Цакај на прес-конференцијата во Министерството за надворешни работи, одговарајќи на новинарско прашање околу можноста за предвремени избори и во Албанија.
Цакај, исто така, изјави дека „во Северна Македонија имало ветувања дека овој процес (отворање на преговори) неизбежно ќе се случи“, додека албанската Влада „не го гарантирала тоа“.
Инаку, обраќањето на премиерот Заев се најде во ударните термини на сите албански медиуми, со посебен акцент на предлогот за предвремени избори и решителноста да се продолжи со реформите.