Биењето на камбаните во храмовите на Македонската православна црква (МПЦ), точно на полноќ, ја најавија веста за воскресението Христово. Воскресението беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква.
Илјадници верници ги посетија црквите и манастирите во земјава. Центрлната богослужба се одржа во Соборниот храм во Скопје, каде што литургијата ја предводеше поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
Во велигденската порака до верниците поглаварот г.г. Стефан испрати апел за мир, единство и сплотеност меѓу македонскиот народ и меѓу сите верници.
– Повикуваме на единство меѓу нашиот народ, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот. Здобивајќи се со тој дар, ќе можеме мудро и незлобно да одговориме на сите предизвици што катадневно се испречуваат пред нас. Да го чуваме сопственото и да го почитуваме достоинството на другите, да се грижиме за доброто на секого и на сите околу нас – порача г.г. Стефан.
!Христос воскресе, навистина воскресе е поздравот со кој Христијаните во наредните три денови ќе се отпоздравуваат меѓу себе ширејќи ја веста за победата на Спасителот на животот над смртта.