Христијан е на колена!

Но, мене ме загрижува што од ден на ден гледаме еден сѐ поескалиран Мицкоски, секој ден потврдоглав од претходниот, а сценаријата за Македонија му се сè помрачни и пофаталистички.

3525

Морам да признам дека секој нов ден поминат со политичарот Христијан Мицкоски носи сè поголеми изненадувања. Земете го, на пример, последниот, викендашки антиреферендумски митинг во Штип…

Во еден момент на обраќањето, Мицкоски го направи следното: „Ми велат, никогаш не треба лидерот и претседателот следбениците да го видат на колена. Но, јас имам еден одговор на тоа – ако лидерот не клекне пред луѓето кои ја следат каузата за Република Македонија и за независна Македонија, тогаш не ја заслужува нивната доверба“… И Христијан се тргна од микрофонот и на бината буквално клекна, на колена, пред собраната маса од околу илјада следбеници, со десната рака држејќи се во пределот на срцето, па така клекнат и се поклони.

Технички, ако лидерот – оној кој треба да предводи! – е на колена, „следбениците“ (глагол: да следиш) не можат да тргнат по него, бидејќи одењето на колена не води никаде, освен итно на ортопедија. Затоа и се избегнува како практика во историјата на политиката. На колена клекнувале оние на кои требало главата… како да кажам… насилно да им се одвои од телото, обично со некое остро орудие. Такви клекнувања во историјата имало илјадници. Но, тоа не беше намерата во Штип.

Мислам дека кај штипскиот перформанс на Мицкоски има нешто од желбата да се смени јавната перцепција дека ВМРО-ДПМНЕ, од некаква политичка организација, во последните десетина години израсна во една на криминална корпоративистичка структура и да ѝ се даде ново, „човечко лице“, на скромност, сервилност и покорност пред членството – впрочем, ни на Мартин Протуѓер не му беше текнало да го натера Груевски, барем околу последните избори по кои ја загуби власта, да клекне на колена пред „паствата“ и да им приреди театар во кој тие, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, макар за време од една минута, додека би траел тој шоу, би помислиле дека членството е поважно од раководството и дека политиката ја кројат тие, одоздола-угоре… Замислете во таа клекната сцена на Грујо да му се придружеше и Сашо Мијалков! Бесценето!!! Којзнае, можеби уште ќе беа на власт…

Ама тие одбраа во нивно име (и за нивна сметка) да се шири страв, закана, притисоци, уцени, особено меѓу своето членство. Директ од кај Макијавели: љубовта не можете да ја контролирате, но стравот да. Затоа, владетелот треба да владее со ширење ефикасна доза на страв, а не да биде предмет на менливо количество љубов!

Има во тоа и малку современа, македонска социолошка вистина: истражувањата докажале дека авторитарните карактеристики на просечниот македонски хомо политикус се толку големи, што тие своите лидери – меѓу другото – ги посакуваат да бидат груби, по малку и насилни, секако да крадат (во спротивно ги сметаат за будали!), да бидат мачо-ебачи (е не, педери!), со швалерки, виски и бодигарди околу себе… Овдека, воопшто, емпатијата, доброто воспитување и љубезноста често се сметаат како слабост, а не квалитет.

Кај таа маса, особено во ВМРО-ДПМНЕ, ова со клечењево не знам како ќе помине. Да не биде: „Ееееј, овој како да се моли во џамија!?“… „Е, па, ви реков ја дека овој нема да го биде!“

Но, мене ме загрижува што од ден на ден гледаме еден сѐ поескалиран Мицкоски, секој ден потврдоглав од претходниот, а сценаријата за Македонија му се сè помрачни и пофаталистички. Одамна направи (или ја послуша таа) погрешна проценка дека Заев НЕМА да постигне договор со Грција, па се „возеше“ на онаа реторика дека „ние немаме поим што преговараат, тоа е процес што го води владата“, сметајќи дека, кај и да е, кога преговорите ќе пропаднат, тој ќе го собере политичкиот „профит“, а Заев ќе остане губитник кому уште и ќе му ја „посоли раната“ со: „Ви реков јас дека се неспособни и ништо нема да направат!“

Откако договорот, сепак, се случи – да признаеме, на општо изненадување – Мицкоски остана „со прстот в уста“ и наместо ургентно да се свести и да се обиде тој да го земе барјакот на евро-атлантските интеграции на чело на колоната на ВМРО-ДПМНЕ, почна да се инаети, да приговара за мали „офсајди“ кај „судиите“, да бара „влакно во јајцето“… Воопшто, професорот стана плачко кој сè понервозно се заканува да ја тресне таблата со шаховски фигури на земја бидејќи ја губи партијата.

Никој во политиката не станал радикален бидејќи се родил таков. Радикализмот е прашање на процес – на пример, тој процес кај Хорхе сигурно ќе биде тема на идни политиколошки, историски и социо-патолошки истражувања. Но, се плашам дека нашиот лидер на опозицијата секојдневно сè повеќе се радикализира (теориски тоа може да се нарече и „еднострано се политизира“), како резултат на разни растечки фрустрации, кај него уште и помешани со една нота на верска истрајност, како извесна доктринарна тврдоглавост, да не речам прост инает.

Во политиката, тој вид на собрани ирационалности може да биде опасно експлозивна мешавина, чии видливи симптоми се овие „старозаветни“, популистички клечења по митинзи… Потоа следува фазата кога ќе се повика „народот“ да јаде и корења, ако треба, ама „името“ да не се даде! На крајот – Пушки в раце, браќа!

Споредете ја таа растечка ситничавост, изолираност и мрачност на Мицкоски, со надуениот розеникав балон на простодушен, леплив оптимизам на Заев, поддржан од целиот свет…

Заев победува.

 

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...