Мајка на тешко болно девојче, кое починало од тежок рак на коски, собирала пари за лечење во странство, а ги трошела на сѐ, освен на лекување на своето дете, открива „Провјерено“ на „Нове ТВ“.
Единаесетгодишното девојче Лана Бендеља почина во понеделник. Мајката, Маријана Прпиќ лани тврдела дека на детето му е лошо од хемотерапија, дека лекарите ништо не објаснуваат и дека не сакаат да дадат информации за Лана да се лечи во странство.
Десетина дена по дијагнозата во апели на социјалните мрежи, мајката лажно тврдела оти за детето во Хрватска нема лек па одбивала соработка со лекарите.
Сепак, лекарите ја искористиле законската можност и продолжиле да го лекуваат девојчето и случајот го пријавиле во Центарот за социјална заштита. Директорот на болницата рекол дека целото лекување било покриено со здравствено осигурување, но и да не било така, болницата би помогнала.
Иако немало потреба за собирање донации, во меѓувреме, мајката на Лана собирала пари за лечење во Турција или Германија, а преку Фејсбук повикувала на линч на лекарите, заводот за здравствено осигурување и болницата.
– Лана за неа беше извор на приходи. Тоа е најстрашното. Таа жена не спомнуваше ништо друго освен пари – рекла анонимна пријателка која помагала пред да сфати дека мајката го прави тоа за себеси.
Мајката подоцна му бранела на таткото да оди во Германија, па тој барал на суд самостојно донесување одлука за лечење. Во пресудата стои дека мајката изнајмила стан во Германија каде девојчето било со неа од февруари до април, без воопшто да посетува лекар, ниту да прима хемотерапија.
ФОТО: Принтскрин