Храброста е карактерно својство достојно за почит. Conditio sine qua non за политичка фигура од голем формат. Наспрема неа, колебливоста е одлика на политичките фигури со скромни можности. Tие фигури не можат да се носат со предизвикот тешки политички одлуки. Затоа што тој вид одлуки се непопуларни. Понекогаш предизвикуваат опасно незадоволство кое разнишува авторитет на фигура што се осмелила да донесе таква одлука. Тие добро знаат дека „сè се простува во политиката освен колебливоста“ (Фрчкоски). Иако знаат, обично бројат до 110 и назад затоа што сакаат и „тешки одлуки“ и власт. Логика на храбрите е „или…или“. Логика на колебливите е „и…и“.
Не е многу јасно дали колебливоста на екс-претседателот Црвенковски да објави снимки од Тајната полиција кои, според тоа што го соопшти Фрчкоски на ТВ 21, прво дошле во неговите раце е: а) карактерно својство со сила да го обликува неговиот политички стил, б) добра проценка дека е подобро да го стори тоа тогашниот шеф на опозицијата Заев, в) континуитет на политичкиот стил на покојниот претседател Глигоров кој велеше дека требало „да созреат условите“ за крупни политички одлуки со уште покрупни последици.
А пак тогашните „услови“ во кои се осмели водачот на опозицијата Зоран Заев да објави серија снимки од Тајната полиција не само што не беа „созреани“, туку беа и многу опасни. До нивното објавување дојде по неколкумесечни најави. Во тоа не толку далечно време, тогашниот премиер Никола Груевски имаше под контрола Парламент, претседател на држава, државен обвинител и судство, полиција и војска. Накусо, многу фактори кои, најверојатно, лесно го убедиле дека сепак ќе излезе на крај со некој шеф на маргинална опозиција. Згора на тоа, тој шеф се пазари со него за оставка, во замена за снимките што нема да ги објави. Нема, ама – дали нема да го стори тоа некој друг?
Прв во серијата обиди на Груевски да се ослободи од Заев беше неговото драматично обраќање до нацијата на 31 јануари 2016 г. кога рече дека водачот на опозицијата дошол кај него со некои „уцени“. Дека тој побарал од тогашниот обвинител М. Зврлевски дозвола да ги сними „уцените“ на Заев. Дека таква дозвола добил и дека уредно, според „Уставот и законите“, го предал снимениот материјал во јавното обвинителство.
Последен беше оној од крвавиот четрврток 27 април 2017 г., кога во Парламентот упадна една организирана формација од ѓоа-патриоти кои „си ја сакаат татковината“, кои одговараат сега пред суд за терористичко загрозување на уставниот поредок на РМ, кои требало да ја фрлат во хаос државата откако ќе ги убијат Зијадин Села и Зоран Заев по што, претседателот на државата, ќе прогласи вонредна (воена) состојба.
Убеден сум дека за таков „развој на настаните“ бил, несомнено, длабоко свесен тогашниот шеф на СДСМ Зоран Заев како и екс-претседателот Бранко Црвенковски кој, според Фрчкоски, бил колеблив, а бил затоа што токму таков бил неговиот духовен склоп („Таков е Бранко“). Јас не сум многу сигурен во тоа од оние причини на кои веќе укажав. Да речеме дека претпазливоста која се граничи со колебливост е навистина една карактерна особина која игра важна улога во политичкиот стил на Црвенковски. Не треба сепак да се губи предвид дека оној политички стил („да созреат условите“) на Глигоров има силно ехо во политичкиот стил на Црвенковски.
Потоа: Црвенковски како шеф на опозицијата СДСМ во време кога Љубчо Георгиевски беше премиер на влада, а пак покојната Доста Димовски министер за внатрешни работи, веќе објави серија снимки од Тајната полиција кои беа пресудни за падот на Георгиевски и како премиер, и како шеф на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се рече, и тоа со право: власта на Георгиевски е неспоредлива со онаа на автократот Груевски кој не се колеба многу да дигне во воздух една инвестиција од 60-тина милиони евра („да не го тупиме!“) како онаа на Фијат Цаноски. Иако не е, сепак се работи за политичка храброст и тоа веќе покажана, а пак тоа во една видлива мера ја затемнува сликата за екс-претседателот Црвенковски како еден колеблив политичар кој избегнува крупни и опасни ризици.
Ако прашањето за колебливоста на екс-претседателот Црвенковски крие во себе многу замки, тогаш прашањето за храброста на Заев да објави серија снимки од Тајната полиција упатува на еден јасен и недвосмислен одговор. Тој одговор е: Заев покажа некој вид „безумна храброст“ (Горки) кога, по цена на својот живот и оној на неговото семејство, се реши, кон средината на февруари во 2016, да прифати таков ризик. Црвенковски имаше обичај да каже и тоа често го кажуваше како шеф на СДСМ: „најмногу ризикува оној што ништо не ризикува“. Заев го ризикуваше не само својот, туку и животот на своето семејство. Дека е така, добро зборува снимка од разговор на сега обвинетиот Игор Југ кој добил задача од своите налогодавци да го застрела Заев. Наводно, не дошло до тоа затоа што атентаторот „немал чиста мета“.
Тоа зборува дека и на храбрите им треба среќа во нивниот потфат за доброто на други која, обично, не пропушта да им помогне, затоа што и среќата е на страната на храбрите. Таква среќа, не само храброст, беше неопходна и при потпишувањето на оној Договор со Грција, за кој треба да се гласа кон крајот на септември, на референдум. Среќа е, на пример, што премиер на грчката влада е Алексис Ципрас, а не ултра-националистот Киријакос Мицотакис кој во Атина го зборува тоа што во Скопје го зборува ултра-националистот Мицкоски.
Волтер велеше: les extremes se touchent: крајностите се допираат. Не само што се допираат, туку и многу добро се – разбираат. Иако се разбираат, малку веројатно е дека Мицотакис и Мицкоски би потпишале некој договор за решение на децениски спор. Уште помалку веројатно е дека Мицкоски би успеал да дојде до подобар договор од оној на Заев и Ципрас.