Еден хотел на Тенерифе, најголемиот остров на шпанските Канарски Острови денеска е ставен во карантин и на гостите им е забрането да го напуштат објектот, откако е утврдено дека гостин на хотелот е позитивен на новиот коронавирус.
Гостинот е лекар од италијанскиот регион Ломбардија, каде локалните власти се справуваат со растечката епидемија.
Околу илјада гости на хотелот H10 Costa Adeje Palace ќе останат во своите соби додека не се извршат сите неопходни лекарски тестирања, јавија шпанските медиуми.
Светската здравствена организација вчера соопшти дека светот треба да се подготви за можна пандемија, односно ситуација во која оваа заразна болест брзо се шири во многу земји.
Гостин на хотелот на Фејсбук објави фотографија од порака која му била доставена под вратата на неговата соба.
– За жал, мора да ве известиме дека хотелот привремено е затворен поради здравствени причини, се вели во пораката со која се бара сите да останат во своите соби.
Според локалните медиуми, полицијата не им дозволува на гостите на хотелот да го напуштат објектот.
Лекарот, кој престојувал во хотелот со неговата сопруга, вчера бил тестиран за коронавирус и бил пренесен во просторијата за изолација во болницата Nuestra Senora de Candelaria.