Хотел Калифорнија

Британија пред брегзит. Хотел Калифорнија, ви велам. Сега се сите собрани во собите. Времето истекува. Се пребројуваат. Кој имал од мини-барот индиски оревчиња, кој ги собирал сапунчињата и шампоните, кој ги ставал бањарките во куферите, кој нарачувал појадок во соба... Сметката треба да се плати.

958

И додека одредени земји со години, да не речам децении прават напори, реформи, измени на законодавства, а некаде богами и козметички интервенции и благи криења на вистината надевајќи се дека нема да бидат фатени на дело само за да влезат, Велика Британија реши да излезе. И со себе да ги поведе и Шкотска и Северна Ирска, иако тие не сакаа и гласаа да останат во големото, честопати дисфункционално семејство наречено Европска Унија. Тука, ќе признаете, секогаш е интересно – постојано нешто се случува, никогаш не е здодевно и секогаш има понекој дежурен виновник за домашните проблеми и неприлики. Има послушни, ама и деликвенти што создаваат проблеми и за кои другите креваат рамена и велат – е па таков/такви се, што да им правиш, еднаш дојдоа речиси до заминување, ама останаа, ги задржаа речиси по секоја цена.

Мојата бегалка

Но, да се вратиме ние на мојата бегалка, Велика Британија, која на референдумот во јуни 2016 година со тесно мнозинство, 51,9 отсто, реши да ја напушти Европската Унија. Колатерална штета беа Шкотска и Северна Ирска, каде што мнозинството гласаше за останување во ЕУ, но Англичаните и Велшаните беа мнозинството кое го донесе брегзитот, па овие сакале-нејќеле, мораа да ја следат водата на мнозинството. Многу нерадо. Многу. Ама воопшто не им се допаѓа сето ова. Во-оп-што.

Деновиве во британскиот парламент се случуваше уште една жестока дебата во врска со брегзитот. Парламентарците подолго време се поделени на повеќе групи, подгрупи, фракции и поединци, кои претпладне имаат едно мислење, а попладне остро се противат на истото, а страстите толку се вжештија што некои пратеници дури добија закани дека ако не гласаат за брегзит, „нема да биде добро за нив“. Се водат дебати меѓу оние кои се за таканаречениот „тврд брегзит“ – да се излезе од ЕУ што побрзо без многу детали и договарања со Брисел – и „мекиот брегзит“, да се договорат што е можно повеќе детали, за да може слетувањето да биде меко, удобно, безболно. Нил Армстронг слетување. На Месечината. Меко, полека, речиси нечујно и на општо задоволство. Но, ништо од сето тоа. Имаше кавги, нервози, оставка на еден министер, тахикардија на двајца пратеници, а јас можам да се обложам дека пабовите околу Вестминстер по вербалните престрелки беа преполни.

А се почна кога Дејвид Камерон небрежно вети референдум, референдумот се случи, тој веднаш поднесе оставка и на неизбраната на избори премиерка Тереза Меј, која патем беше за останување во ЕУ, ѝ падна да го спроведува излегувањето. Ниту таа ниту политичарите што се врткаат околу и се обидуваат да помогнат и „помогнат“ немаат харизма, ниту, пак, се нешто посебно убедливи, освен Борис Џонсон. Другите водат некои свои политички битки, опозицијата нема некој посебен гравитас во брегзит, и досега е договорено колку ќе чини разводот, односно колку Британија треба да плати што си оди, границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска и судбината на британските државјани во Унијата.

Се знае дека во 11 часот по британско време, на 29 март 2019 година, на Велика Британија ќе ѝ се случи брегзит. Се знае дека ќе има транзициски период од 20 месеци. Но уште многу работи не се знаат и ќе се решаваат во од. Знаете, никој досега не излегол, па да каже како било, што му се случило, што било добро, што не, на што да се внимава, што е лесно, што може да доведе и до сериозен проблем.

Сè е решено, ништо не е решено

Ова делумно личи на текстот со песната „Хотел Калифорнија“ на „Иглс“ – можете да дојдете кога сакате, ама не можете да си одите… добро, добро, знам кои маки ги гледаат сите оние што сакаат да се приклучат кон клубот во кој не се влегува кога сакате и честопати делува снобовски и елитистички. Згора на сè, кога ќе видите некојпат кој сè е член, ви доаѓа да си кажете – па јас со тој не сакам да се дружам да не се набоцкам на жицата, но другите се некои фини индивидуи и плус тоа, па кој денес е совршен?
И после сите кавги и расправии во британскиот парламент, кој ќе има повеќе моќ, министрите или парламентот, пак допрва ќе се решава. Ништо не е решено додека сè не е решено. А има уште многу за решавање. Од ситни работи – на пример, дали ќе важат низ Европа британските возачки дозволи, дали Британците ќе вадат визи за да патуваат во Шпанија, Франција, Грција, Македонија (?), до каква ќе биде царинската зона меѓу Британија и ЕУ, како ќе се „преведува“ европското британско законодавство и така натаму.

Мене ми е посебно симпатичен проевропскиот ветеран ториевец Кенет Кларк, кој ги слушаше деновиве сите кавги и борби за власт (да не се лажеме, во политичките препукувања немаше само грижа за брегзит, имаше многу грижа за сопствените политички кариери) и им рече на колегите: „Значи, ве слушав, многу дебатирате, сите амандмани ви се без врска, само за да имате коментари по весниците. Мислите дека тие во Европа не ве гледаат и слушаат што правите“. Стара школа, овој Кларк…
Хотел Калифорнија, ви велам. Сега се сите собрани во собите. Времето истекува. Се пребројуваат. Кој имал од мини-барот индиски оревчиња, кој ги собирал сапунчињата и шампоните, кој ги ставал бањарките во куферите, кој нарачувал појадок во соба… Сметката треба да се плати. Ама таа ќе биде многу повеќе од 36 милијарди фунти колку што оптимистички се надева владата. А бегање без плаќање, нема. Клучот би требало да е кај премиерката Тереза Меј. Но… Полека, вели Европската Унија, што и да правите, сепак нас нема да можете да нè напуштите тукутака.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...