Четири снимки од мобилниот телефон на еден од обвинетите во случајот за обидот за убиство на Зијадин Села, Оливер Ошавковски, беа пуштени денеска на рочиштето во судницата во Кривичниот суд.
На три од нив можеше да се види и дел од атмосферата во прес-салата, се слуша галама, разни извици како „Убиј го“ и „Удри го“, а се забележува и присуството на тројца од обвинетите во салата. Третата снимка, рече обвинителот, временски се совпаѓа со моментот кога Села паѓа во рацете на обвинетите, но поради гужвата во прес-салата на оваа снимка тој не може да се види.
На четвртата од снимките од мобилниот на Ошавковски се гледа како фатен за раце и нозе, дел од обвинетите го носат по Села низ собраниските ходници. Додека го носат се слушаат извици: „Вади го надвор, маме му ебам“, „Сеља, Сеља“, „За кучето надвор“. Во исто време се слуша и тап удар, како и глас кој вели: „Не удирај, прекини више“.
Лицето на Села цело е во крв, не се забележува никаква негова реакција. Во еден момент го легнуваат на подот, а снимката завршува со кадар пред лифт каде Села е на под во полуседечка положба, а до него за раце го држат двајца од обвинетите Александар Јаневски Тошта и Стојан Павлески. Тука е веќе и лекарот кој сведочеше.
Претходно беа пуштени три други снимки направени од присутните во Собранието со мобилните телефони. На првата снимка што беше пуштена можеа да се видат насилните дејствија на дел од обвинетите кон пратениците, меѓу кои и оштетениот Села. Во еден сегмент од снимката се забележува како лидерот на Алијансата на Албанците, се наведнува, по кратко време се исправува и се држи со рака за главата. На снимката се забележува како Села стои во задните редови од групата пратеници кои се бранат од разгневената толпа. Може да се види како дел од обвинетите удираат боксови и фрлаат со предмети кон пратениците и неколкуте лица од обезбедувањето кои се обидуваат да ги заштитат пратениците.
Меѓу предметите кои се фрлаат се копје од знаме, но и метално подвозје – ногарки од стол со кои еден од обвинетите мава кон групата пратеници, по што се упатува кон нив. На снимката се гледа и како пратеникот Влатко Ѓорчев се наоѓа во првиот ред со раширени раце пред пратениците и се обидува да ги заштити и да ја одврати разгневената толпа.
Втората снимка која беше пуштена е снимена откако веќе Зијадин Села не се наоѓа меѓу групата пратеници во аголот од собраниската прес-сала. На третата снимка која беше пуштена се прикажа атмосферата во ходникот пред прес-центарот непосредно пред и во моментот на доаѓањето на полицијата. Ова е прва снимка која се пушта во судница, а на која може да се види присуство на полиција. Непосредно пред да влезат во ходникот пред прес-центарот, полицајците најпрво фрлаат солзавец, а потоа почнуваат да ги разбиваат демонстрантите.