Холокауст

Секоја година, во пресрет на Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот (27 јануари), се соочуваме со непријатниот потсетник дека македонското општество, сосе образовниот систем, културата и медиумите, продолжуваат со премолчување на Холокаустот. Учебниците креирани во неславната ера на Грујо Серекеш го сведоа Холокаустот на само неколку скудни податоци.

703

Холокаустот (старогрчки: жртвување со оган) беше систематски и масовен државен прогон и убиство на Евреите со цел таа нација да се истреби. До крајот на Втората светска војна, нацистичкиот режим на Адолф Хитлер и неговите колаборационисти убија две третини од Евреите во Европа. Шест милиони мажи, жени и деца беа убиени во масовни стрелања на отворено, во сурови погроми во кои учествува и цивилното население и квислиншките власти и во концентрационите логори, каде што геноцидот достигнува чудовишни индустриски размери.

Холокаустот го придружуваат прогонот и масовните убиства и на други „расно и биолошки инфериорни“ групи. Така, Ромите (околу 200.000 жртви), Словените и припадниците на други раси на „подлуѓе“, како што ги нарекува Гебелсовата пропаганда, се нашле на злокобната листа на нацистичкиот режим. Лицата со посебни потреби станале мета на режимот кој се „стреми кон здрава нација“ и со „еутаназија“ убил 250.000 „ментално и физички болни“ лица, главно Германци, во „Програма за еутаназија“.

Листата на оние што не заслужуваат да живеат се продолжува со политички и идеолошки различните, па така нацистите ги прогонуваат и убиваат и социјалистите, социјалдемократите, комунистите, синдикалците, како и верски групи или припадници на културни движења во Германија, што не се дејствувале во согласност со концептот на Третиот Рајх. И хомосексуалците „ја валкале избраната ариевска раса“ и биле убивани или депортирани во концлогорите, значи, во сигурна смрт. Така, на црната бројка од шест милиони Евреи што биле убиени во крвожедната ера на Холокаустот, се додаваат и над милион други жртви на систематскиот прогон и истребување од нацистичкиот режим и колаборационистите на оската на злото ширум Европа.

Започна со говор на омраза, продолжи со изолирани, а потоа сѐ почести и помасовни насилства, бојкот на бизнисите на Евреите (и другите „различни“), за да прерасне во „Конечното решение“ на конференцијата во Ванзее (јануари, 1942.), со прецизно елабориран план за индустриско истребување на „непријателите“ на нацистичкиот режим. Вазалските режими ширум Европа спремно ги дочекаа овие планови. Албанија, чиј режим во тоа време е квислиншки, се издвојува како ретко прибежиште на Евреите. Албанците им дадоа засолниште на Евреите во своите домови. И Алберт Ајнштајн е дел од многубројните Евреи што добиле пасош од албанската амбасада во Берлин и со него успева да го избегне смртоносниот поход на нацистите.

И во Средниот век, насекаде низ Европа се воведуваат антисемитски закони со кои Евреите се сегрегирани, дискриминирани, им биле дозволени само некои занимања, забрането им било да поседуваат земја… Повеќето од тие закони биле укинати во 19. век, но во Русија тие се во сила до 1917 година. Сепак, антисемитизмот и суровиот прогон на руските Евреи се задржува во текот на владеењето на советските комунистички диктатори.

Ова се неколку познати факти што во нормални услови би требало да бидат дел од знаењата што спаѓаат во „општа култура“. И – тоа знаење да се употреби како оружје против злото на поделбите и насилствата меѓу луѓето. Но…

Антисемитизмот не е мртов. Насилствата против Евреите продолжуваат. Неонацистите во Русија секоја година го „слават“ 20 април, роденденот на Хитлер, со брутални насилства врз Евреите и други не-Руси. Апсурдно, земјата што даде најмногу жртви во војната против нацизмот, денес е дом за голем број неонацистички и екстремистички групи, толерирани од диктаторскиот режим на Путин. Неонацистите ги среќаваме насекаде низ Европа и светот, а исклучок не се ни земјите во нашето опкружување, ниту Македонија.

Премолчувањето на Холокаустот во училиштата и медиумите е минимизирање на оваа историска трагедија на човечкиот вид. А минимизирањето е само друго име за негирање на Холокаустот, што е отворен антисемитизам.

Нацификацијата на Македонија може да се забележи со едноставен поглед на полиците во секој супермаркет, каде што можете за ситни пари да купите десетина книги како „Мојата борба“ од Хитлер, Говорите на Гебелс, „Фашистичка револуција“ од Мусолини и низа други. Свастики има на ѕидовите во многу градови. Ги има и како магнети на фрижидерите во домовите. Се скрнават еврејски гробишта или монументи што сведочат за антифашистичката борба. Листата не се исцрпува тука…

Секоја година, во пресрет на Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот (27 јануари), се соочуваме со непријатниот потсетник дека македонското општество, сосе образовниот систем, културата и медиумите, продолжуваат со премолчување на Холокаустот. Учебниците креирани во неславната ера на Грујо Серекеш го сведоа Холокаустот на само неколку скудни податоци.

Најголем дел од медиумите не наоѓаат за сходно да го одбележат ова глобално сеќавање, регулирано и со Резолуцијата 60/7 на Обединетите нации, според која и медиумите и културните и образовните институции на земјите членки се обврзани да го одбележат овој ден. Овој “рафал“ го упатувам додека на ТВ тече уште една од десетиците емисии и документарни филмови што се дел од Неделата на сеќавање на Холокаустот на ТВ каналот Историја. На сличен начин е модифицирана и програмската шема на голем број други светски телевизии. Никој ли не го забележа тоа?

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...