Холандскиот парламент блокира преговори со Албанија, но не и со Македонија

796
ФОТО: EPA/JERRY LAMPEN

Холандскиот парламент синоќа се изјасни против отворањето на преговорите на ЕУ за Албанија, но ја отфрли истата резолуција што се однесува на Северна Македонија.

Парламентот во Холандија вчера гласаше за четири резолуции поврзани за проширувањето на ЕУ, но само таа против Албанија доби мнозинство гласови, вклучително и од владејачките партии, со 105 гласа од вкупно 150 пратеници во парламентот.

Резолуцијата бара да не се отворат преговорите со Тирана во 2019-та година пред сѐ поради недоволен прогрес во делот на борбата против организираниот криминал и корупцијата. Холандската влада го дели ова мислење. Според нивниот министер за надворешни работи, Стеф Блок, отворањето пристапни преговори со Албанија е избрзана одлука.

Резолуцијата за Северна Македонија преку која неколку холандски пратеници бараа исто така да се блокираат преговори со нашата земја беше отфрлена од мнозинството во холандскиот парламент.

Ова претставува прв можен чекор кон одвојување на Северна Македонија и Албанија во Советот на ЕУ, доколку Холандија како земја членка на ЕУ побара од Советот да го усвои ваквиот пристап и при одлучувањето за пакетот Албанија-Македонија на 18-ти јуни во Луксембург, или на следниот состанок кон крајот на јули во Брисел.

ФОТО: EPA/JERRY LAMPEN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...