ХЕРА: Медиумите стигматизираат со веста за уапсената проститутка осомничена за ширење СИДА во Србија

827

На 26, 27 и 28.06.2018 година во медиумите „Канал 5“, „Република“, „Курир“, „Сител“, „Точка“, „24 Инфо“, „Пулс 24“, „MK News“ и „Плусинфо“, беа објавени информации за „мигрантка од Јордан“, која, според наведените медиуми, „шири зараза низ Србија“, „сее СИДА“ и поради која „во опасност се повеќе од 100 луѓе“, реагираат Коалицијата „Маргини“ и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“.

„Начинот на кој наведените медиуми известија за наводен случај со ХИВ директно ги повредува новинарските професионални стандарди и со тоа предизвикува огромна штета врз јавното мислење. Текстовите се тенденциозни, дезинформираат и стигматизираат, а притоа „сеат“ неоснована паника и поттикнуваат и промовираат дискриминација и омраза.

Изнесувајќи шпекулации за ХИВ-статусот на жената, за бројот на „досега заразени“, за местата каде што жената се движела и за просечниот број на клиенти коишто ги имала дневно, авторите на текстовите директно го повредија членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија: „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“

Дополнително, не наведувајќи го изворот на информациите што ги пренесуваат, авторите го повредија членот 4 од Кодексот на новинарите во Македонија, според кој „Новинарот треба да го назначи изворот на информациите освен кога изворот бара да остане анонимен. Изворот на информациите по правило треба да се идентификува освен кога тоа може да влијае на неговата безбедност или врз безбедноста на трети лица.“

Поврзувајќи го вирусот со мигрантка односно бегалка и сексуална работничка, написот ги стигматизира овие општествени групи, со што ги прави дополнително ранливи и подложни на маргинализирање и насилство. Она што дополнително загрижува е што медиумите се осудуваат да откриваат лични податоци и да шпекулираат за ХИВ-статус на жена-бегалка, што најдиректно повикува на шовинистичко и ксенофобично наисилство и дискриминација врз овие маргинализирани групи.

Во услови кога институциите и граѓанските организации сериозно и здружено се залагаат за превенција на ХИВ и одржување на ниска преваленца на вирусот на национално ниво, овие написи го уназадуваат секој чекор кон таа цел. Наместо да ги штитат човековите права, да побараат одговорност од институциите и да повикаат на помош и поддршка, медиумите директно учествуваат во разгорувањето на омразата.

Повторуваме дека ХИВ се пренесува преку незаштитен сексуален однос. Употребата на кондоми оневозможува да се пренесе вирусот. ХИВ не е смртоносен, ниту непозната и ретка состојба; за него постои достапна и успешна терапија. Со ХИВ се живее како што се живее со која било друга инфекција или заболување кое бара континуирана и непрекината терапија. Занимавањето со сексуална работа само по себе не е ризик за ХИВ туку незаштитениот сексуален однос, без разлика дали се случува помеѓу сексуален работник и клиент или помеѓу двајца сопружници.

Врз основа на наведеното, заедно со Коалицијата „Маргини“ и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ бараме од сите медиуми што ја објавија веста, да извршат исправка на веста и да упатат извинување до јавноста за прекршувањето на основните професионални стандарди на новинарското известување“, се наведува во реакцијата на Коалицијата „Маргини“ и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“.

ОДГОВОР ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ПОРТАЛОТ ПЛУСИНФО

Порталот Плусинфо ја објави наведената вест на која реагира организацијата ХЕРА. Плусинфо се повикува на информации во повеќе српски медиуми, кои, пак, се повикуваат на официјален извор – Министерството за внатрешни работи на Република Србија, кое издало соопштение за апсењето на спомнатото лице.

Тоа може да се види и од веста објавена на порталот Блиц, на следниов линк:

https://www.blic.rs/vesti/hronika/policija-pronasla-fatimu-privedena-prostitutka-iz-jordana-za-koju-se-sumnja-da-je-hiv/h3yvfzs

Како што се гледа од веста, проститутката Фатима Алас (38) од Јордан, осомничена дека ширела ХИВ низ Србија, била уапсена, казнета со 20-дневен затвор поради илегален престој во земјата и префрлена е во женскиот затвор во Пожаревац.

Тоа е веста на ниво на фактографија. Ние го разбираме поривот на организацијата ХЕРА да ја заштити јавноста од стигматизирање на лицата заразени со ХИВ/СИДА, но во случајот на веста објавена на Плусинфо, нема ниту ширење дезинформации, ниту стигматизирање, ниту неосновано ширење паника.

Поради јавниот интерес, според критериумите за тоа што е newsworthy, тврдиме дека нема земја во светот во која една ваква вест не би добила ударно место во одговорните и професионални медиуми. Македонија е соседна земја на Србија и тоа е причината поради и кај нас владее несомнен интерес за оваа вест.

Го објавуваме соопштението на ХЕРА, затоа што тоа содржи полезни информации за начинот на кој се пренесува ХИВ/СИДА и за можностите за заштита, но одлучно ги отфрламе неоснованите обвинувања дека и Плусинфо (меѓу другите), со објавувањето на веста, наводно ги повредил професионалните стандарди и предизвикал „огромна штета врз јавното мислење“. Тоа е обична лага.

Напротив, со ваквото соопштение, токму ХЕРА, инсистирајќи на вредностите за кои се залага и веројатно без намера, му нанесува штета на угледот на нашиот портал, пласирајќи јавно неодржливи генерализации и вредносни судови. Во име на досегашната и идна соработка, Плусинфо нема да бара сатисфакција од ХЕРА за неоснованите тврдења, туку само јавно ја замолува оваа организација во иднина повнимателно и поодговорно да ги анализира содржините објавени на нашиот портал.

Неодговорните и неосновани обвинувања не придонесуваат за остварување на благородните цели на оваа организација, која секогаш уживала поддршка од порталот Плусинфо.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...