Податоците од спроведените истражувања на ХЕРА посочуваат дека 32% од лицата со попреченост не знаат како да користат кондоми за да спречат несакана бременост. По повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и Платформата за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје и права на лицата со попреченост и оваа година потсетуваат дека лицата со попреченост, како и лицата без попреченост, се сексуални битија. Оттука, за да можат да си го остварат правото на пристапни и достапни сервиси за сексуално и репродуктивно здравје и да добијат услуги согласно нивните индивидуални потреби, потребно е да се отклонат бариерите кои постојат на сите нивоа во нашето општество.
Квалитативните истражувања, спроведени од ХЕРА, покажуваат дека здравствените установи не се физички пристапни, а здравствените работници и соработници најчесто не се подготвени да разговараат за различните потреби што луѓето со попреченост ги имаат во однос на сексуалноста и сексуалното и репродуктивно здравје (СРЗ). Обично, овие теми се дискутираат само ако лицето со попреченост се соочи со одреден проблем. Во отсуство на адаптирани и приспособени едукативни материјали, повеќето од лицата со оштетен вид и слух бараат информации за СРЗ на интернет. Како последица, 41% од лицата со попреченост не можат брзо и едноставно да пристапат до здравствените услуги.
Општо земено, релативно мал број лица со телесна попреченост користат услуги поврзани со СРЗ. Многу често, жените се соочуваат со тешкотии за време на гинеколошкото испитување бидејќи гинеколошките столови не се хидраулични или се прилично високи, па не можат правилно да ги постават нозете поради спазам или карлични компликации. Мажите со телесна попреченост, пак, многу ретко ги посетуваат лекарите за услуги за СРЗ, делумно поради бариерите, а често и поради фактот што не знаат каде да се обратат.
Токму затоа, преку кампањата на социјалните медиуми во следната недела ХЕРА и Платформата за СРЗ на лицата со попреченост ќе го подигнат гласот и ќе едуцираат за важноста од пристапни и достапни услуги за сексуално и репродуктивно здравје.
Комитетот, меѓу останатото, во членот 25 којшто се однесува на здравството, препорача да се усвои стратегија за обезбедување бесплатен или лесно достапен пристап до сите потребни здравствени услуги за лицата со попреченост, како и обучување медицинскиот персонал за правата на лицата со попреченост и пристапот кон овие лица врз база на човековите права; да се преземат мерки за обезбедување на достапност и пристапност на здравствените установи и услуги, како и за отстранување на сите физички пречки за пристапност во здравствените центри и давање на сите податоци во форма која е пристапна за лицата со попреченост; да се обезбеди дисеминација на податоци за правата од областа на сексуалното и репродуктивното здравје во соодветна форма за сите лица со попреченост, како и на услуги кои се сензитивни според родот и возраста и да се обезбедат специјализирани услуги за лицата со попреченост во сите делови на државата.