ХЕРА: Изјавата на гинекологот Вјолце Мбиара е скандалозна

Изјавата на докторката е скандалозна, а нејзините обвинувања кон граѓанските организации кои со години работат на обезбедување пристап до основни здравствени услуги за жените од Шуто Оризари, се сериозни, неосновани и неаргументирани, велат од ХЕРА.

451

По вчерашното интервју со гинекологот Вјолца Мбиара во кое таа посочи дека некои невладини организации во Шуто Оризари им нудат на Ромките по илјада денари за да не се пријавуваат како пациентки во нејзината ординација, денеска со реакција се јавија од Иницијативата на жени од Шуто Оризари и од ХЕРА (Асоцијација за здравствена едукација и истражување во чии рамки, како дел од нејзините сервиси работи и Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Шуто Оризари).

Според Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари, МЦ „Сакам да знам“ – Шуто Оризари, им излегува во пресрет на жените, со тоа што два пати неделно во нивните простории доаѓа гинеколог кој нуди услуги само за одредени целни групи, поточно, за сексуални работнички и за лица кои немаат здравствено осигурување.

Според Бекир Халим, оваа општина има околу 12 до 13.000 жени во репродуктивен период, а според нивното истражување, само во првите три-четири месеци откако доктор Мбиара почнала да работи во својата ординација во поликлиниката во Шуто Оризари (од септември до декември 2017 година кога го завршиле истражувањето), 33 проценти од овие жени барем еднаш ја посетиле ординацијата, а 76 отсто од нив биле запознаени дека таа е во нивната општина и дека функционира.

– Тврдењето на докторката дека некои невладини организации им давале на Ромките по илјада денари за да не се лекуваат кај неа, е небулозно. Конкретно ние, како организација бевме најголеми поборници за да проработи гинеколошката ординација во општината и таа само првиот месец, како што ни кажа и самата, имала 100 пациентки. Ние самите ги препраќаме пациентките кај неа – вели Салија.

Од ХЕРА велат дека изјавата на докторката е „скандалозна“, а нејзините обвинувања кон граѓанските организации кои со години работат на обезбедување пристап до основни здравствени услуги за жените од Шуто Оризари и имаат клучна улога во обезбедување, следење и унапредување на правата на сите граѓани, а особено на граѓаните од ранливите групи, се сериозни, неосновани и неаргументирани.

„Не се согласуваме со изјавата дека можеби немало ни потреба од матичен гинеколог во оваа општина. Имајќи предвид дека најголем дел од граѓан(к)ите се социјално исклучени и живеат во сиромаштија, секој финансиски издаток поврзан со добивањето на услугата, како и трошоците за транспорт до соседните општини, претставува дополнителна бариера за пристап до гинеколошки услуги. Намалениот број на пациенти кај матичниот гинеколог може да биде резултат на повеќе различни фактори, меѓу кои: (не)задоволство од квалитетот на работата, евентуални прекршувања на прописите од областа на здравствената заштита, како на пример незаконска наплата или други околности кои ги одвраќаат жените од пристапот. За пример, според истражувањето за Картата со оцена од заедницата за 2017 година, дури 82% од жените платиле од 100-500 денари за ЕХО-преглед кај својот матичен гинеколог во Скопје, иако прегледот е бесплатен, велат од ХЕРА.

ХЕРА како организација, во рамки на младинскиот центар „Сакам да знам“ во Шуто Оризари, двапати неделно по неколку часа, нуди услуги за превенција од сексуално преносливи инфекции, едукации и советувања за подигнување на свесноста за грижата за сексуалното и репродуктивното здравје и користа од користењето на контрацепција, односно услуги кои се дел од превентивната здравствена заштита.

Целната група на корисници се младите и лица од клучни популации (сексуални работнички, мажи кои имаат секс со мажи и лица кои инјектираат дроги), како и лица кои се социјално исклучени, немаат лична документација односно здравствено осигурување. ХЕРА не нуди услуги кои се во доменот на работа на матичен гинеколог (следење на бременост, упатување до установи од повисоко ниво на здравствена заштита, упатувања за вршење лабораториски анализи, издавање рецепти за лекови и слично) и заради тоа, останува потребата од матичен гинеколог во оваа општина.

– Една од активностите поврзани со советувањето секогаш се однесува на важноста од избирање на матичен гинеколог и понатамошно редовно следење на здравствената состојба на жените, како и придружба и поддршка во процесот на избирање на матичен гинеколог. Секојдневно препраќаме пациентки кои можат да го остварат своето право на избор на матичен гинеколог во амбулантата во Шуто Оризари. Од наш интерес е сите жени да добијат соодветна здравствена грижа од стручни и професионални здравствени работници – велат од ХЕРА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...