Хера бара одговорност од институциите за претепаното бебе

103

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување најостро го осудува случајот во кој 20-годишна мајка и нејзиното 14-месечно бебе се брутално претепани од блиски роднини.

– Ги прашуваме одговорните институции зошто порано не преземале мерки на заштита и безбедност за детето и мајката имајќи предвид дека мајката е корисник на социјална помош поради што морала редовно да се обраќа до Центарот за социјални работи? Зарем е возможно никој во надлежните институции да не забележал траги од насилство врз неа и врз нејзината ќерка?

Бараме Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа и Основното јавно обвинителство најитно да ги утврдат причините за насилството и да покренат постапки за санкционирање на сторителите.

Жртвите на насилство мора да добијат постојана и соодветна медицинска помош и психо-социјална поддршка во подолг временски период. Надлежните мора да го проценат ризикот по безбедноста и да обезбедат и засолниште доколку е потребно. Со оглед на тоа дека мајката е пуштена на домашно лекување, ги прашуваме надлежните зошто повторно не е направена проценка за безбедна средина и каде жртвата ќе се врати по напуштањето на болницата?

Секој регистриран случај на семејно насилство и на родовобазирано насилство укажува на неопходноста од превенција и намалување на штетите што и во случајов можело да се постигне доколку постои мултисекторски и координиран пристап кон препознавањето и справувањето со насилството.

Оттука, апелираме до надлежните институции – односно, социјалните служби, полицијата, Основното јавно обвинителство – да соработуваат меѓу себе и конечно да почнат да реагираат пред да одекнат вестите во медиумите. Само така ќе може да се постепено да се поврати довербата во системот и да се прекине кругот на насилството без жртви, стои во соопштението на Хера.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...