Воведување бесплатен контрацептив на позитивната листа на лекови, сеопфатно сексуално образование, подобра опременост на советувалиштата за млади и едукација, како и нов медицински персонал кој ќе спроведува информативни кампањи и други активности, побараа од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, кои денеска организираа панел-дискусија на тема „Пристапност и достапност до контрацепција“, во рамки на проектот „Млади за младинско застапување“.
Државава, посочија од ХЕРА, е една од земјите со најмала употреба на современи контрацептивни средства во Европа, која кај жени на возраст од 15 до 49 години изнесува 12,8 отсто, а незадоволената потреба за услуги за планирање семејство изнесува 17,2 отсто.
– За жал не постои добра пристапност и достапност до контрацепција првенствено затоа што ниту еден контрацептив не е на позитивната листа на лекови иако тоа е дел од стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје. Тоа е влезено во Акцискиот план, но се уште не е реализирано, а догодина истекуваат овие стратешки документи. Тие контранцептиви што се во моментов достапни младите можат да ги добијат единствено доколку се препишани од медицинско лице, а ако сакаат да ги купат се многу скапи. Од друга страна достапноста на медицински персонал е многу мала во рурални средини, во посиромашни делови, така што на младите не им се достапни контрацептивите – истакна програмскиот раководител во ХЕРА, Драгана Каровска Чемерска.
Таа посочи дека има одреден број контрацептиви кои се делат по младинските советувалишта, одвоени се средства од буџетот на државата за таа намена, но системот на набавка и нивна дистрибуција не е се уште воспоставен, а тоа што во превентивните програми за мајки и деца е предвидено не се извршува поради недостиг на систем на дистрибуција.
Институциите, нагласи таа, работат на тоа, влезено е во стратешки документи, треба да се имплементира, меѓутоа сите активности доцнат.
Додаде дека усвоена е одлука на Влада да се пилотира сеопфатно сексуално образование во државава, веќе се изработуваат прирачници, а тие инсистираат темата на контрацепција да биде како засебна тема во целиот пакет што ќе се воведува.
Според податоците од нивното истражување „Пристап до информации за сексуално и репродуктивно здравје и права“ спроведено во основни и средни училишта, само 40 отсто од учениците добиле образование за животни вештини, а од оние кои ја поминале оваа програма или предмет малкумина односно само 12 отсто добиле информации за тоа како да користат кондом, а само три проценти добиле информации за тоа како се користи орална контрацепција. Педесет и два отсто од наставниците се изјасниле дека нивниот главен предизвик во предавањето на овие теми е недостиг на настапни прирачници.
– Ова само го оправдува воведувањето пилот проект за сеопфатно сексуално образование во државава – додаде Каровска Чемерска.
Од ХЕРА потенцираа дека на панел дискусијата иако биле поканети, не учествуваа претставници на министерствата за здравство, труд и социјална политика и образование и наука